Путин: 40 земји ја финансираат ИД

Русија на самитот на Г-20 наведе примери кои покажуваат како физички лица од 40 земји, вклучувајќи и од Г-20, ги финансирале терористите, изјави претседателот на РФ Владимир Путин во Анталија.

„Дадов примери поврзани со нашите податоци за финансирањето на единиците на ИД во различни земји. Финансирањето доаѓа од 40 земји, како што утврдивме, вклучувајќи и од некои членки на Г-20“, изјави Путин пред новинарите по завршувањето на самитот, пренесува агенцијата „Спутник“.

Борбата против тероризмот била клучната тема на самитот според рускиот лидер.

„Оваа тема (војната против теророт) беше клучна. Особено по трагедијата во Париз, сите разбираме дека начините за финансирање на тероризмот треба да бидат прекинати“, изјави Путин.

Русија исто така презентирала сателитски снимки, како и снимки од воздух, кои ги покажуваат вистинските размери  на трговијата со нафта на „Исламската држава“.

„Им ги покажав на колегите сателитските снимки кои јасно го покажуваат вистинскиот обем на илегалната трговија на пазарот со нафта и нафтени деривати. Колони автомобили што се протегаат десетици километри така што се губат зад хоризонтот кога ќе се погледне од висина од 4-5 илјади метри“, изјави рускиот претседател.

Рускиот претседател исто така изјави дека сириската опозиција е подготвена да почне операција против ИД доколку Русија обезбеди воздушна поддршка.

„Дел од сириската опозиција смета дека е можно да почне воена акција против ИДИЛ со помош на руските воздушни сили, и ние сме подготвени да ја пружиме таа помош“, рече Путин.

Доколку ова се случи, армијата на сирискиот претседател Башар Асад, од една страна, и опозицијата, од друга, ќе се борат против заеднички непријател, потенцираше Путин.



 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.