Судот во Ротердам ѝ го врати на Русија правото на брендовите вотка „Столичнаја“ и „Московскаја“

Окружниот суд на Ротердам одлучи дека холандската компанија „Спиритс Интернешенел Груп“ треба да ѝ ги врати на Руската Федерација правата за користење на брендовите вотка „Столичнаја“ и „Московскаја“ во Холандија, Белгија и Луксембург, пренесува „Прајм“.

Окружниот суд на Ротердам одлучи дека холандската компанија „Спиритс Интернешенел Груп“ (Spirits International (SPI) Group) во сопственост на рускиот бизнисмен Јуриј Шефлер треба да ѝ ги врати на Руската Федерација правата за користење на брендовите вотка „Столичнаја“ и „Московскаја“ во Холандија, Белгија и Луксембург.   

Сепак, оваа одлука може да биде обжалена, пренесува „Прајм“ повикувајќи се на „Блумберг“.

„Одлуката на судот во Ротердам создава преседан за другите судски случаи ширум светот, вклучувајќи ги и САД, Австралија и Швајцарија, како и во 12 земји на ЕУ“, изјави адвокатот на компанијата „Хоинг Монегиер“ (Hoyng Monegier) Јорис ван Манен кој ги застапуваше интересите на Русија пред судот.  

Одлуката на судот доаѓа по долготрајната судска постапка што започна во 2003 година. Властите на Русија ја оспоруваа работата на холандската компанија „Спиритс“ која од крајот на 90-те години од минатиот век им ги продаваше на производителите на вотка лиценците за користење на брендовите „Московскаја“ и „Столичнаја“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.