Властите на Канада воведоа санкции против 37 физички, како и 17 правни руски и украински лица. Ова е објавено на сајтот на премиерот на земјата Стивен Харпер, информира INTERFAX.RU.
Во соопштението за печатот се прецизира дека санкциите се донесени во врска со ескалацијата на конфликтот во Украина последните недели, меѓу другото и со нападот на Мариупољ на 24 јануари. Харпер изјави дека Отава го следи исполнувањето на мировниот договор и има намера да подготви нови санкции во случај на потреба.
Овојпат Канада воведе рестриктивни мерки против заменик-министерот за одбрана Анаталиј Антонов, генералниот директор на „Ростеха“ Сергеј Чемезов, заменик-началникот на Генералштабот Андреј Картаполов, водителот Дмитриј Киселев, пратеникот и пејач Јосиф Кобзон, моторџијата Александар Залдостанов („Хирург“), контра-адмиралите на ВМФ РФ Александар Носатов и Валериј Куликов, пратеникот Валериј Рашкин, генерал-мајорот Алексеј Наумец и генерал-потполковникот Игор Турчењук.
Меѓу организациите на списокот се најдоа „Роснефт“, движењето „Новорусија“ и 15 оружени формации и организации на Донбас. Рестриктивните мерки против РФ претходно ги најави министерот за надворешни работи на Канада Роб Николсон. Тој изјавуваше дека причина за ваквите постапки на Отава е „нарушувањето на суверенитетот на Украина од страна на Русија“.
Од друга страна, потпретседателот на „Роснефт“ Михаил Леонтјев го обвини „бандеровското лоби“ за канадските санкции.
Притоа Леонтјев нагласи дека е замрзнат канадскиот проект на „Роснефт“, кој при тековните цени и онака не може да се реализира.
„При сегашниве цени на нафтата канадскиот проект со Ексон Мобил, тнр. нафтени песоци е практично како да си „пукаме во здрава нога“. Не се шегувам со санкциите, но проект со денешниве цени на нафтата е невозможно да се реализира. Основните причини, според мене, за воведувањето на санкциите од страна на Канада во врска со овој проект се поврзани со силното „бандеровско лоби“ од кое ништо не може ни да се очекува“, изјави Леонтјев.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче