Русија има голем број програми за поддршка на семејствата кои добиваат нов член. Без оглед на местото на раѓање, руските граѓани добиваат федерална помош, но секој регион предвидува и свои дополнителни подароци.
Главната федерална придобивка кога ќе се роди дете е мајчинскиот капитал, кој може да се потроши за купување, изградба на куќа или образование на детето. Во 2023 година тој изнесуваше 586.946 рубли (според сегашниот курс, околу 5.700 евра) за прво дете и 775.628 рубли (7.500 евра) за второ дете, доколку мајката не добила мајчински капитал за првото, а ако добила, тогаш за второто дете добива 188.681 рубља (1.800 евра).
Покрај тоа, во 2023 година се исплаќа еднократна помош од 22.909 рубли (220 евра). Потребната документација се поднесува во рок од шест месеци од раѓањето на детето.
Од раѓањето на детето додека детето не наполни една и пол година, на мајката (или таткото) се исплаќа месечна помош за нега на дете во износ од 40% од нејзините просечни месечни примања, но не повеќе од 33.281 рубља (320 евра).
Дополнителни средства се издвојуваат за семејства со пониска материјална состојба, како и за семејства со повеќе деца. Висината на оваа помош варира од регион до регион.
Во триесетина региони на Русија младите родители, кога ќе им се роди дете, добиваат пакети со неопходни работи за децата. Прв таков регион беше Москва, а потоа се приклучија и други. Пакетите се различни, но по правило содржат предмети со универзални бои за да одговараат и на машките и на женските деца.
Во Москва и Подмосковје тоа се големи кутии со облека, пелени, термометар, постелнина и комплет за капење. Родителите можат да добијат пакет или наместо пакет исплата од 20.000 рубли (190 евра). Но, московските родители истакнуваат дека пакетот чини толку, а работите во него се квалитетни.
Младите родители во Јамало-Ненецкиот автономен округ добиваат голем пакет со симболот на регионот - бел глушец. Покрај памперс пелени, шишиња и постелнина, тука има и зимски комбинезони, топли капи и топла покривка. И сите работи се украсени со толку симпатични мечиња што секој би посакал да се родил на Јамал. Наместо пакет, може е да се избере ваучер за купување на артикли за деца во вредност од 32 илјади рубли (310 евра).
Освен тоа, на Јамал, каде што живеат семејства на домородните народи на Северот (Ненци, Ханти, Селкупи), постои и „чумски капитал“. Номадските семејства во кои се раѓа трето дете добиваат комплет за правење чум. Тој вклучува печка, стапови, подни даски, крзна, церада и санки. Вкупната вредност на овој капитал е 500 илјади рубли (4.850 евра), а може да се добие само еднаш.
Во пакетот од Тверската област освен облека и средства за хигиена, има уште многу корисни ситници: грејач за шишенце, ножици, чешли, четка за миење на шишенцо и цуцли.
Во Самарската област вакви пакети се добиваат само за прво дете, а во Татарстан и Јакутија добиваат само семејства со послаба имотна состојба.
Во некои региони на Русија наместо пакет, кога детето ќе излезе од породилиштето, семејствата добиваат ваучери кои можат да ги потрошат на купување работи за децата. На пример, во Ханти-Мансијскиот автономен округ се добива подарок картичка со слика на бебе мамут и вредност од 20.000 рубли (190 евра).
Во Санкт Петербург регионалната помош се уплатува на картичката „Детска“, која може да се користи за плаќање на стоки и во специјализирани продавници и во хипермаркети со детски оддел. Висината на уплатата во 2023 година се движеше од 39 илјади (380 евра) до 65 илјади рубли (630 евра), во зависност од бројот на деца.
Доколку живеете во Пермскиот крај и сте добиле близнаци (или повеќе деца одеднаш), покрај подарок пакетот, регионалните власти ќе ви исплатат 122 илјади рубли (1.180 евра) по дете.
Во Волгоград жените кои ќе го родат своето прво дете пред 24-годишна возраст, покрај федералната помош, добиваат и 50.000 рубљи (485 евра) од регионот. Истата сума ја добиваат и жените без разлика на возраста кои родиле второ дете пред првото дете да наполни три години. А ако семејството добие и трето дете, добива „родителски капитал“ во износ од 70 илјади рубли (680 евра).
Во Русија семејствата со повеќе деца (односно, со три или повеќе деца) можат да добијат парцела земја во нивниот регион. За волја на вистината, условите за добивање земјиште се различни.
На пример, во Московската област само семејство кое сè уште не поседува никаква парцела може да добие земјиште. Во Ростовската област парцели добиваат само семејства со послаба имотна состојба. Во Краснојарскиот крај го добиваат сите семејства со повеќе деца, но не и во самиот град Краснојарск. Во некои региони, наместо земјишна парцела може да се добие паричен ваучер.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче