Како изгледа враќањето на училиште на децата во далечните места на Русија (ФОТО)

Arne Hodalic/Corbis/Getty Images
На училиште со хеликоптер? Или можеби со ирваси? Погледнете како започнува новата учебна година за учениците од далечните краишта на земјата.

Училишни хеликоптери

Руската арктичка зона е огромна област со малку патишта и многу тундра. Северните номадски народи одгледуваат ирваси, селејќи се од место до место со своите семејства. Сега во земјата има повеќе од 20000 номади кои живеат ширум Арктикот. Тоа се Ненците, Долганите, Евенките и други етнички народи. А што е со децата, ќе се запрашате?

Во Русија, сите деца се обврзани да одат на училиште, и номадските деца не се исклучок. Во раните советски години, пред околу еден век, за нив беа развиени два системи на образование. Првиот, најзастапениот, беа интернатите, кога се враќаа кај родителите и дома само за време на летниот и зимскиот распуст.

За да ги земат учениците, регионалните власти организираат посебни „училишни хеликоптери“. На крајот на август, хеликоптер лета над тундра во потрага по деца на сточари - одгледувачи на ирваси, ги зема и ги носи на училиште.

Интернатите се наоѓаат во блиските села или градови и не се разликуваат од другите руски училишта, освен што децата не само што учат тука, туку и престојуваат.

Доколку семејството има стан или роднини во населбата, тие можат да живеат таму, а не во студентскиот дом. Понекогаш во тундрата остануваат само мажите, додека жените одат во населбата со своите деца.

Номадски училишта

Во некои руски области постои уште еден образовен концепт во тундрата - номадски училишта. Тоа значи дека училиштето „се движи“ заедно со група одгледувачи на ирваси. Во овој случај, децата остануваат подолго со своите семејства и не ја менуваат драстично средината во која живеат. Покрај математиката, физиката и рускиот јазик, учениците во тундрата ги учат и традиционалните занаети, мудроста на одгледувањето ирваси и локалниот јазик. Овие училишта се класифицирани како ограноци на селски училишта и се основаат на официјално барање на номадските бригади или заедници. За малите деца може да се организираат и номадски градинки.

Денес во Русија постојат само околу 40 номадски училишта во кои учат околу 500 деца: во Тајмир, Јакутија, на Јамал и други области. Ако ученикот планира да го продолжи образованието, најчесто оди во средно училиште со интернат, бидејќи таму образованието е подобро. Понекогаш се нуди мешовита редовна и вонредна форма на образование. Последниве години се појави форма на образование на далечина.

Во меѓувреме, модерните номадски училишта изгледаат како мобилни единици со клупи, табли и технички простории внатре. Сето ова може лесно да се расклопи и транспортира до следната локација на санки и ирваси.

Училишта во тајгата

Жителите на градовите често сонуваат да живеат во тајга, но тоа само звучи романтично. Има многу села во Сибир каде што нема училишта, едноставно затоа што таму живеат малку луѓе. Но, децата и понатаму треба да учат и, понекогаш, патот до училиште е вистинско снаоѓање.

Гулнара Колдашева од селото Сибиљаково во Омската област го превезува својот син Ајдар со чамец преку реката Иртиш до селото Курманово, од каде училишниот автобус ќе го однесе до средното училиште во селото Бутаково. Ајдар ќе се врати дома на истиот начин.

Селото Болшаја Речка во подножјето на планината Сајан е последната населба во областа, каде завршува патот и започнува непроодната тајга. Тука се наоѓа најмалото училиште во Краснојарскиот крај со само 15 ученици!

Во многу одделенија има само едно или две деца.

Во оддалечените области на Сибир и Урал, каде што има патишта, децата на училиште ги возат училишни автобуси и миникомбиња ГАЗ.

Учениците понекогаш пристигнуваат со велосипед или пеш (ако е доволно топло).

Дали вашите деца се задоволни од тоа како одат на училиште? Ако не, прочитајте им некои од приказните погоре!

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња