Кој не му дава мир на Григориј Перелман?

Начин на живеење
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
И покрај тоа што необично го ценат математичкиот гениј кој живее во најстариот дел на Санкт Петербург, Купчино, Русите не се во состојба да му ја исполнат молбата на својот славен земјак и едноставно да го остават на мира.

„Се јадеа сендвичи и торти, ечеше музика и врнеше дожд, ветрот го однесе огромниот профил насликан од Саша Бразгина, а дебелите завеси на прозорците на славеникот не се ни помрднаа. Григориј Перелман, рускиот математичар кој ја докажа хипотезата на Поенкаре и одби награда од милион долари, на 13 јуни 2016 година наполни педесет години. На неговиот роденден под прозорецот на станот во кој живее беше приреден концерт на класична музика и изложен голем портрет на научникот.

Пет години претходно, на 45-тиот роденден на рускиот гениј, новинари на „Комсомолскаја правда“ го фатија Григориј Перелман во паркчето како се шета со неговата мајка. На прашањето каков подарок би сакал да добие за роденден, тој одговори: „Новинарите да ме остават на мира“. Сепак, секое негово одење до продавница е вистинско искушение за математичарот, а поштенското сандаче, бидејќи е секогаш преполно, го празнат соседите.

„Гриша, сакам да имам деца со тебе“

Секој обид да се добие интервју од Перелман едвај вреди. Руските папараци знаат да бидат крајно агресивни и веќе го демнеа математичарот на улица и во супермаркет, а загрижените обожаватели не се двоумеја ниту да одат во станот во кој живее Григориј со мајка му Љубов Лејбовна.

Како што во една пригода изјави за „Комсомолскаја правда“ еден од поранешните професори на Перелман, „кога на телевизија ќе видите разбеснета девојка која остава цвеќе пред вратата на неговиот стан и вика „Гриша, сакам дете со тебе, ќе биде толку убаво на мама и толку паметно на тато, тоа само го иритира Григориј“.

Математичарот доби за роденденот и официјални честитки од градските власти на Санкт Петербург. Меѓутоа, тој редовно учтиво ги одбива предлозите да учествува во телевизиски емисии и научни дебати или да одржи некое предавање. Перелман ги напушти сите научни и официјални позиции, не прифаќа никакви понуди за работа, а го одби и предлогот да стане член на Руската академија на науките, чест која многу руски научници ја чекаат со години. Дали понуди некакво објаснување за таквото однесување?

„Не ми се допаѓаат нивните одлуки“

Григориј Перелман, како што е познато, во 2006 година одби да го прими Филдсовиот медал, највисокото признание во областа на математиката, кој му беше доделен за решавање на хипотезата на Поенкаре. И тоа не беше прв пат генијалниот научник да одбие некое значајно признание. Како што за весникот „Троицкиј варијант“, истакнува рускиот математичар Виктор Бухштабер, во 1996 година на Перелман му била доделена наградата на Европското математичко друштво за млади математичари која, исто така, тој одбил да ја прими.

Американскиот институт за математика „Клеј“ во 2010 година му додели на Григориј Перелман награда од милион долари за решението на хипотезата на Поенкаре, што Перелман, исто така, со леснотија ја одби.

Причината секогаш беше иста, несогласувањето на Перелман со ставовите на Меѓународната математичка унија. Новинарите често се обидуваат да го претстават Перелман како ексцентрик. Од наставниците кои му предаваа на училиште успеаја да извлечат признанија како „се сеќавам дека не сакаше да стане член на пионерската организација“. Зборувал, наводно, дека не му се допаѓа истата униформа, како ни пионерскиот поздрав.

Меѓутоа, одбивањата на Григориј Јаковлевич да ги прими главните математички награди не се негов каприц. Со неприфаќањето на признанијата тој, всушност, одбиваше да ги поддржи ставовите на институциите кои ги доделуваат.

Во едно од ретките телефонски интервјуа Перелман прецизно објасни зошто одбил да го прими Филдсовиот медал и наградата на институтот „Клеј“. „Главната причина е моето несогласување со организираната математичка заедница. Не ми се допаѓаат нивните одлуки кои ги сметам за неправедни“, изјави Перелман.

Скандалот со кинескиот математичар Јау Шинг-Тунг, кој се обиде да ја присвои славата на Перелман тврдејќи дека токму тој го пронашол „комплетниот доказ“ за хипотезата на Поенкаре, се случи во 2006 година. Шинг-Тунг подоцна ја повлече својата изјава, но вниманието кое Математичката унија го посвети на тоа тврдење предизвика презир кај Перелман. „Луѓе како мене, ете кој е во изолација... Секако, има многубројни, повеќе или помалку доблесни математичари. Но, речиси сите се конформисти. И кога се лично искрени, ги толерираат оние што не се“, изјави Перелман за „Њујоркер“ во 2006 година.

Перелман смета дека наградата на Математичкиот институт „Клеј“ требало подеднакво да му биде доделена и на американскиот математичар Ричард Хамилтон. Токму неговите истражувања го поттикнаа Перелман на идејата да ја докаже хипотезата на Поенкаре со помош на таканаречените текови на Ричи. Признанието на заслугите на Хамилтон од страна на Перелман е пример за реткото благородништво на еден научник. На крајот на краиштата, ниту самиот Хамилтон првично не веруваше дека Перелман ја докажал хипотезата на Поенкаре.

„Не можеме да ѕирнеме во него“

Последниот голем интерес за Григориј Перелман беше забележан пред нешто повеќе од седум години по повод неговиот педесетти роденден. Математичарот, како што е познато, не ни излезе од зградата за да прими честитки, ниту пак се појави на прозорецот.

На многу негови сонародници не само што не им е јасно зошто ги одби паричните награди, туку и зошто од Америка се врати во Русија, иако му беше нудено да остане и да работи како професор во САД. Но, ретко кој нема да се согласи дека популарноста, интервјуата и јавните настапи го одвлекуваат вниманието од мисловната научна работа.

Освен тоа, Перелман како научник воопшто не е осаменик. „Оставете го тоа дека Перелман е ексцентрик. Тој е индивидуалец, научник кој исклучително добро ги прифаќа идеите и влијанијата на другите и воопшто не живее во вакуум“, објасни еден од водечките руски математичари Михаил Громов. „Григориј е затворен круг. Ние не можеме да ѕирнеме во него“, вели Виктор Бухштабер. „Тој веќе се докажа и влезе во историјата на науката. Треба да се пушти да го живее својот живот“.