Данила Бородин е камионџија од сибирскиот град Кемерово. За да си го направи патувањето позабавно, со себе го зеде Ев (нагалено од Евгениј), мачор со бујно и меко крзно.
На почетокот Данила сакал да го земе со себе своето куче за да му го чува камионот, но сфатил дека во кабината ќе му биде премногу тесно. А потоа видел оглас во кој пишувало дека во неговото соседство се подаруваат неколку мачиња од мешовита раса, создадени со вкрстување на тајландска и британска раса на мачки. Го нарекол по својот пријател Евгениј.
Мачето за само неколку дена се одомаќинило во кабината и сега внимателно го надгледува патувањето и товарењето на товарот. Заедно со својот сопственик води популарен блог за животот на пат.
Секогаш зачудениот и многу мил мачор Федја е еден од најпознатите блогери во Русија.
Го пронашле како маче во градина на југот на Ростовската област во градот Салске. Дворска мачка која наликува на мешавина од британска и нерасна мачка дошла кај луѓето со две мачиња, машко и женско. Женското било здраво, но машкото немало толку среќа. Знаело долго да се врти околу својата оска, тешко се движело поради проблеми со координацијата и нарушувања во развојот на зглобовите. Покрај тоа, и лошо гледало.
Сите проблеми биле надминати благодарение на упорноста на сопственикот и долготрајното лекување. Иако сé уште му требаат лекови, мачорот сега се чувствува одлично. Благодарение на популарноста на интернет, Федја им помага на газдите во работењето на прифатилиштето за педесет животни.
Лисиците се многу паметни животни кои можат да живеат мирно со луѓето. Лисицата Алиса е родена во 2016 година и живее во дворот на приватна куќа, а нејзиниот сопственик Иван Кулаков ѝ помага да го води блогот „Ли Сяо / Alice the Fox“ (Li Sâo / Алиса Лисицата).
На видеото се гледа како Алиса му се радува на првиот снег, како крие слатки од Иван и како станува непријателски настроена кога е нерасположена. Иван од милина ја нарекува борбена векна, таа е всушност дива и активна, но и многу харизматична и се дружи со Иван, како и со другите жители на куќата.
Оваа година дуото Дени и Мани стана едно од најпопуларните на руските социјални мрежи. Лабрадорот е немирен, а мачката сфинкс, за разлика од него, е сурова и мирна.
Тие станаа жители во домот на московјаните Викторија и Руслан во период од две недели и многу лесно воспоставија хармонична врска. Спијат гушнати, при што кога Мани спие врз Дени, се случува да не мрда за да не го разбуди. А кога не дремат, прават пакости и ги расфрлаат работите наоколу. Еднаш уништиле плик со пари наменети за комунални услуги. Со цел да ги споделат своите впечатоци, сопствениците отворија блог за своите миленици.
Во Пермскиот крај живее најпаметната врана. Александар Чугајнов го пронашол Гоша во мај 2020 година во гнездо на падната смрека. Имал околу две недели. Александар решил да ја спаси птицата и потоа почнал да ја дресира. Веќе во првата година од животот Гоша научил триесетина команди. Колку и да е тешко да се поверува, враната може да имитира глас, да разликува бои, да покажува различни прсти на раката, да носи предмети, да памти броеви.
А за дресирањето на шумската врана Александар снима видео клипови.
Ако имате мачка, сигурно разговарате со неа и се консултирате за важни работи. А сега замислете дека имате две мачки и секоја има свое мислење. Кај Ирина (не кажува од кој град е) живеат мачките Мјата (нане, мента) и Алјаска и постојано запаѓаат во интересни ситуации.
Ирина е уметница и мачките ѝ помагаат во работата, оставајќи шарени потписи на хартија и во секојдневниот живот, проверувајќи дали ги храни доволно често.
Нивниот блог има повеќе од четири милиони следбеници.
Мачката од Воронеж по име Тусја има повеќе од осум милиони следбеници. Секој клип е вистински мим. На едно видео Тусја лежи и е тажна затоа што не сака да работи, а на другото скока со човек на тренди музика.
Таа дури им помага на луѓе кога прават склекови во улога на дополнително оптоварување. Веселите кратки видеа ги прави сопственичката Татјана со сопругот.
Кога Лера го запознала Никита, го имала мопсот Џони, а Никита вајмарскиот птичар Оскар. Денес живеат заедно, а кучињата станаа најдобри пријатели.
Тие се врсници, имаат по пет години. Оскар е интровертен тип на личност, сака да се гушка со луѓе, додека Џон е активен (за мопс) и сака да се дружи со други кучиња.
Видео-блогот со скечеви од животот на нивното големо семејство почнаа да го водат во 2020 година, за време на карантинот. Од досада почнаа да им позајмуваат смешни гласови на кучињата и на тој начин да им соопштуваат на своите следбеници (денес ги има милиони) што мислат животните.
Каракалот Гоша, вид дива мачка, е роден на крајот на 2017 година во одгледувалиште, а денес живее во Москва, во семејството на Андреј и Елена. Андреј по професија е видеограф и еднаш на своите профили на социјалните мрежи го објави своето маркантно домашно милениче со огромни очи и реси на ушите. Од тој момент почна да тече блогерскиот живот на Гоша.
Странските фанови го нарекоа Big Floppa или Кот Шљопа (Клапестиот) поради неговите уши. Фотографиите на оваа мачка корисниците на социјалните мрежи ги користат за мимови, фотомонтажи, маички, фигурини и мобилни апликации. Прочитајте повеќе во нашиот текст.
„Ние не сме слатки кучиња туку сме вистински злобни волци! Така што кај сите оние кои нема да се претплатат на нашите канали ќе дојдеме навечер и ќе ги гризнеме за бок!“ - токму вака пишува на социјалните мрежи на овие на прв поглед слатки хаски.
Бандит е таткото на Бублик. Тие живеат на југот на Русија заедно со коргите Коржик и Кокс и снимаат смешни видео-блогови, наменети првенствено за деца и тинејџери.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче