Самоједот е прастара автохтона раса која илјадници години била придружник на домородните северни народи на Русија, а денес е многу популарна и во Русија и во странство. Не е ни чудо, бидејќи се работи за најдоброто и најпријателското куче!
Кучињата самојед го добиле името по самоједските народи, предци на Ненците, Енците, Нганасаните и другите етнички групи од Урал и Сибир. Зборот „самоједи“ според една верзија значи „земјата на Самите (Лапонците)“, а според друга, се однесува на луѓе кои живеат изолирани („само едни“, рус. „само едины“). Сепак, постои тврдење, но без научна основа, дека кучињата самојед го добиле тоа име кога биле впрегнати во санка. Нивното бело крзно се стопува со снегот и оддалеку се чини дека санките одат сами (рус. „сами едут“).
Меѓутоа, вистина е дека потполно белите кучиња во денешно време се добиени во одгледувачниците. Претходно имаа кафени и црни дамки и личеа на хаски, придружниците на Ненците, одгледувачите на ирваси и номади кои живееја во тајгата и тундрата. Според една верзија, древниот самоједски народи успеале уште во леденото доба (пред повеќе од 12000 години) да го припитомат белиот поларен волк кој живеел на арктичките географски ширини. Подоцна се адаптирале, се навикнале на луѓето и ги изгубиле своите диви особини.
Современите самоједи како раса се добиени од хаски од полуостровот Јамал (северот на Западен Сибир) на преминот од XIX во XX век. Тоа било време на меѓународни експедиции на Арктикот. Развојот на оваа раса започнува со првите три кучиња кои зоологот Ернст Килбрун Скот ги донел со себе во Англија. Во 1909 година Скот го основал првиот клуб на самоједи во кој бил усвоен стандардот за расата. После тоа, самоједите се прошириле како домашни миленици во Европа, Русија и другите континенти благодарение на својата исклучителна дружељубивост.
Денес е вообичаено кучињата да се класифицираат според нивната намена: некои раси ја чуваат куќата, други помагаат во лов, трети се службени кучиња, а четврти се декоративни миленичиња. Самоједите обично се третираат како запрежни кучиња, но тоа е само делумно точно. Во дамнешни времиња, особено на Крајниот Север, кучињата биле потребни буквално за сè. Номадите ги впрегнувале во санки и ги носеле во тундрата за да им помагаат во чувањето на ирвасите и да ги штитат од дивите животни.
Самоједите, покрај сето друго, служеле и како дадилки за децата. Ноќта ја поминувале во чумот со децата кои спиеле на нив како на перница. Ако прегрнете самојед, ви се чини дека тој замира, за случајно да не ви попречи додека одмарате. Бидејќи самоједот ретко покажува агресија, не е погоден за улогата на куче-чувар, но може силно да касне ако детето на сопственикот е во опасност.
Самоједот е друштвено куче кое од дамнина навикнало да живее во големо семејство, каде што има возрасни, деца и други кучиња. Се плаши од осаменост и затоа самоједите не се погодни за луѓе кои често се далеку од дома. Исто како и хаските, и самоједите можат да завиваат долго и гласно кога ќе останат сами во куќата.
Кога ќе погледнете самојед, се чини дека тој цело време се смешка. Тоа се должи на фактот што аглите на неговите усни се малку закривени нагоре.
Самоједите обично добро се согласуваат со другите домашни миленици, не само со кучињата, туку и со мачките. Особено нежни се со малите мачиња, па дури и им дозволуваат да спијат на нив (а на мачињата само тоа им треба).
Самоједите имаат густо бело влакно со подвлакно, иако тоа не значи дека им е пријатно само во зима. Таквото крзно ги штити од силни мразови, но им помага и да не се прегреат на жешко.
Вистинскиот проблем за сопствениците при пешачење лете не претставува топлината, туку калта. Како и многу други животни, снежнобелите самоједи обожуваат да се валкаат во кал, а тоа се должи на нивниот ловечки инстинкт, да го покријат сопствениот мирис. Не треба често да се капат, бидејќи водата го мие заштитниот слој од кожата и кучето може да се разболи. Одгледувачите препорачуваат одење во салон за домашни миленици (или капење дома), но не почесто од двапати годишно.
Како и сите други кучиња со густо крзно, самоједите се митарат. Понекогаш тоа е многу забележливо, а сопствениците се шегуваат дека е полесно да се смени гардеробата и да се носи сé бело, и мебелот да се тапацира во бело, отколку да се ослободат од белите влакна околу нив. Самоједите во сезоната на митарење треба да се четкаат секојдневно.
Патем, некои сопственици на самојед ја собираат волна, прават предиво од неа и плетат многу топли шалови.
Но, и покрај нивното дебело крзно, самоједите речиси не мирисаат и не предизвикуваат алергии. А тоа е реткост за такви крзнени животни.
Самоједите имаат одлично здравје, како и другите автохтони раси. Живеат 12-14 години и се активни до старост. Сепак, треба да се има на ум дека на самоједот му е неопходна физичка активност.
Исклучително е неопходно ова куче да поминува 2-3 часа дневно надвор на прошетка. Ако живеете во град, тогаш се препорачува неколку пати месечно да го носите вашиот самојед на целодневена излет во природа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче