Песјаци наместо рогови!? Пет факти за сибирскиот „вампирски“ елен

Natalia/500px/Getty Images
Овој бамби со остри очњаци изгледа застрашувачки, а е целосно безопасен за луѓето и, се разбира, воопшто не е месојад.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во дивината можете да видите апсолутно неверојатни суштества кои изгледаат застрашувачки, а се всушност целосно безопасни, преслатки и имаат потреба од заштита. Едно такво деликатно суштество живее во Сибир. Тоа е мошусниот елен кого Русите го нарекуваат „кабарга“ (со акцент на последниот слог).

1. Песјаци наместо рогови

Сигурно сте слушнале за огромните сабјозаби предатори кои живееле во леденото доба и на кои песјаците им биле потребни за лов. Но, овие ѕверови изумреле пред милиони години! Меѓутоа, малиот сабјозаб елен кој се храни со трева, современик на мамутот, и понатаму живее во руската тајга. Чуму му се потребни толку остри и страшни песјаци ако не ги користи за лов?

Всушност, само мажјаците имаат песјаци (долги и до 10 см) и веројатно тие ги заменуваат роговите што ги красат другите видови елени. Песјаците навистина укажуваат на полот, а мажјакот ги користи само заради заплашување на машката конкуренција (без директна физичка пресметка).

2. Најмал елен на светот

Просечниот возрасен сибирски мошусен елен тежи 10-15 килограми и ретко е подолг од еден метар. Поради овие димензии, кабаргата е најмалиот елен на светот! Изгледа особено ситно кога ќе се спореди со северниот ирвас. Сибирскиот мошусен елен живее главно на планините Алтај и Сајан, на Далечниот Исток, како и во источна Кина и Монголија.

Податоците за нивниот број се контрадикторни: некои научници веруваат дека тие брзо исчезнуваат, додека други тврдат дека популацијата е повеќе или помалку стабилна. Денес, се проценува дека ги има меѓу 30 и 400 илјади. Тешко е да се пребројат мошусните елени, бидејќи живеат во тешко достапни краишта. Некои региони (Алтајскиот крај, Кемеровската област и Хакасија) ги вбројуваат меѓу загрозените видови. На нивна загрозеност укажува фрагментацијата на живеалиштата. Имено, постојат неколку реони кои тие ги населуваат и кои меѓусебно се прилично оддалечени.

3. Мошусниот елен е главна мета на ловокрадците

Иако голем број грабливци од тајгата го имаат на своето мени, од самурите до волците, неговиот главен непријател се ловокрадците, поради мошусниот секрет со силен мирис што го имаат само мажјаците.

Природниот мошус е вистинска реткост, бидејќи го лачат само неколку животни (покрај кабаргата, тоа се и мошусното говедо и мошусната патка). Генерално, мошусот носи информации за возраста и физичката кондиција на единката, што значи дека природата го наменила за репродуктивни цели.

Но, луѓето пронајдоа уште една намена и го користат како база за парфеми и козметика. Денес, постои синтетички мошус, но природната супстанција, се разбира, многу повеќе се цени.

Покрај тоа, мошусот на кабаргата е популарен лек во народната медицина. Луѓето веруваат дека помага во лекувањето на стотици болести, од меланхолија до рак.

4. Сибирски „кенгур“

Кабаргата избира далечни камени кањони. Неговата големина и дамчестото крзно му помагаат да се скрие од очите на луѓето и грабливците. А има и неверојатно долг скок. Предните нозе му се пократки од задните, речиси како кај зајак, што му овозможува на ова животно да скокне далеку, дури до седум метри! Исто така може брзо да го смени правецот на трчање, да забави, да се сврти и да трча назад ако се предомисли. Не може да се лизне ниту на мазен гранит.

5. Брзо се навикнува на човекот

Од 2010 година, еколозите од Сихоте-Алинскиот резерват на Далечниот Исток спроведуваат програма за проучување на мошусниот елен со помош на фотозамки и радиопредаватели, кои успеаја да ги постават на ремчињата на шест единки. Научниците открија дека мошусниот елен брзо се навикнува на присуството на луѓе и решија да ја искористат оваа особина за да дознаат повеќе за начинот на кој животното спие, се храни и мигрира. И излегува дека мошусните елени ги користат истите места за одмор и обележување на територијата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња