- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Речиси секој советски граѓанин сонуваше за американски фармерки. Но, тој сон долго време не можеше да се оствари.
Sovfoto/Universal Images Group via Getty Images
Жителите на СССР првпат видоа фармерки во поголеми количини кон крајот на 1950-тите, кога околу 34.000 странци дојдоа во земјата на Светскиот фестивал на млади. Оттогаш, според историчарката на модата Меган Виртанен, тие за Русите станаа престижна западна стока, па дури и своевиден фетиш.
Забранети стоки
Еве само неколку примери од кои се гледа што Русите беа спремни да направат за да добијат вакви панталони.
Всеволод Тарасевич/МАММ/МДФ/Russia in photo
Студентите работеа ноќе на растовара на вагони за да заработат за фармерки. Марките Levi's, Lee, Wrangler или Montana тогаш чинеа меѓу 150 и 300 рубли (што беше просечна плата за 3-4 месеци).
Оној што носеше фармерки можеше да биде исфрлен од факултет или фирма, а ученик немаше да може ни да влезе така облечен во училиште. Но, се ризикуваше. Оној што ќе успееше да набави фармерки ги носеше секој ден 3-4 години, а кога беа на перење едноставно не излегуваше надвор.
Имаше и трагични случаи. На крајот на 1970-тите, весникот „Литературнаја газета“ пишуваше за случаи на самоубиство на тинејџери поради тоа што не можеле да ги имаат овие модерни панталони.
Александар Буњкин/Архива на Александар Вадимович Буњкин/Russia in photo
На официјално ниво, борбата против фармерките се водеше долго време. Оригинален американски тексас не можеше да се најде во продавниците. Шверцерите ја „набиваа“ цената за 300%, а милицијата ги бркаше нив затоа што ги третираа како шпекуланти (шпекулантската дејност беше кривично дело).
А сепак, колку повеќе се креваше „железната завеса“, толку потешко му беше на државниот апарат да се спротивстави на популарноста на овој модерен производ од Запад. На крај властите на СССР решија да ја свртат големата побарувачка во своја полза.
Ако не можеш да ги победиш, придружи им се
Од колекцијата на Антон Потапов/Russia in photo
Советската лесна индустрија во текот на 1980-тите одлучи самата да ги произведува овие популарни стоки по западна лиценца. Меѓутоа, не беше постигнат договор со западните брендови и тогаш советските производители се свртеа кон италијанската компанија Jesus Jeans. По нејзина лиценца и со помош на нивната опрема во 1983 година во СССР почнаа да се шијат првите домашни фармерки брендови „Твер“ (Тверь) и „Вереја“ (Верея). Се шиеја во огромни количини, по 1,2 милиони панталони годишно.
Вистина, имаше еден мал проблем. Имено, тие советски панталони наликуваа на вистински фармерки само по бојата. Тие не беа шиени од вистински тексас, туку од имитација во вид на дебел памук со слаб квалитет. Таа ткаенина не бледнееше со текот на времето како тексасот, ниту можеше да се излиже, што на вистинските фармерки им даваше посебен шарм. Беа доволни десетина перења за советската ткаенина да ја изгуби бојата или да се скине.
Анатолиј Семехин, Алексеј Шчукин / TASS
И покрај тоа, владееше голема јагма за советски фармерки. А за тие панталони барем малку да наликуваат на вистински увозни фармерки, сопствениците по вештачки пат го постигнуваа ефектот на „износено“ тексас платно (така изгледаа фармерките како да се излижани), со вметнување парче пемза (шупликава, пенлива магматска карпа) заедно со фармерките во машината за перење.
Покрај тоа, во текот на 1980-тите на Запад станаа модерни фармерките со избледени дезени, на големо задоволство на претприемничките советски граѓани кои знаеја како да го постигнат истиот ефект. Тогаш почнаа да се варат фармерки низ целиот СССР.
Варете 20 минути со мешање
Овој метод беше ефикасен ако на неговата реализација се пристапеше креативно. Пред да се варат фармерките се виткаа и стегаа, па така собрани се прицврстуваа со копчиња (или ластички). Начинот на кој се стегаа фармерките влијаеше на обликот на избледените дезени.
Алексеј Антонов / TASS
Потоа се загреваше големо тенџере со вода и се додаваше многу белило со хлор во сооднос 1:5. Свитканите и врзани фармерки се спуштаа во тенџерето и се вареа 15-20 минути со повремено мешање со долга лажица. После тоа, панталоните темелно се плакнеа. Така се добиваа избелени шари кои наликуваа на оригинал. Во СССР ги нарекоа тие фармерки „варјонки“ (варёнки).