Извор: РИА Новости
Морнари и фестивали
Првиот џинс се појави во СССР во средината на педесеттите години на ХХ век. Службениот датум на почетокот на „џинс-треската“ е 1957 година, кога во Москва се одржа Меѓународниот фестивал на младината и студентите. Токму тогаш советските луѓе се запознаа со тексас-платното. Од тој момент џинсот веќе не беше само облека, туку почна да го симболизира сето она што го немаше во СССР, пред сè, слобода.
Можеше да одиш во што сакаш, но ако во гардеробата имаше марка фармерки, можеше да се каже дека си го наредил животот. Против џинсот се бореа, го забрануваа, можеа да те исфрлат од факултет или од работа доколку носеше џинс. Но тие мерки само повеќе го распламтуваа интересот за него.
Морнарите, децата на дипломатите, пилотите, први почнаа да се гиздат во џинс. Го носеа од странство, често ќе облечеа по неколку пара под широките панталони. Подоцна џинсот почнаа да го асоцираат со хипи-културата. Пришиваа врз него ленти, зашиваа во ногавиците триаголници од ткаенина, правеа од него ѕвонарки.
Износен џинс
Главниот неофицијален знак по кој оригиналниот џинс се разликуваше од имитација беше тоа што вистинскиот џинс ќе се излижеше од носење, ќе оветвеше. Кога се одбираше џинс, се проверуваше дали е вистински на тој начин што по неговото платно ќе поминеа со влажно чкорче. Доколку чкорчето попримеше сина боја, тоа беше оригинален џинс. Ако не, стануваше збор за имитација. Всушност, оригиналниот џинс воопшто не го одредуваше добрата боја, туку фактот што кај денимот (тексас-платното, од францускиот збор „de Nimes“ (од Ним) надворешните конци се обоени, а внатрешните не се. Токму поради тоа џинсот оветвува во текот на долго носење. Колку повеќе го носиш, толку повеќе вреди. Советскиот џинс, се разбира, не ги „извалка“ чкорчињата. Во текот на изработката на стандардниот џинс не се користеа евтини бои. Затоа илегалните произведувачи научија да го бојадисуваат со боја што лесно ќе се испереше, или пак ќе го направеа „постар“ со помош на пемза.
Извор: ИТАР-ТАСС
Шверц-комерц
Шверцерите беа првите „ајкули на слободниот пазар“ во СССР. Советската пропаганда речиси направи од нив непријатели на советскиот човек. Поради својата дејност можеа да бидат не само отфрлени од општеството, туку и да завршат во затвор. За да немаат проблеми со законот, често не ја препродаваа ретката роба, туку ја менуваа за нешто друго, што не беше дефицитарно. Таа природна замена, трампа, не беше забранета во СССР (за разлика од размената на девизи). Сталните муштерии ги знаеја по изгледот, самите шверцери често ја „скенираа“ толпата на пазарите, пред хотелите, железничките станици во потрага по поимотни луѓе. Со шверц на џинс се занимаваа и многумина од познатите бизнисмени (од Тинков до Ајзеншпис).
Шверцерите Рокотов и Фајбишенко беа осудени на смртна казна во 1961 година. Една од главните точки на обвинението беше „трговија со џинс“. Таа приказна си доби и свое продолжение денес. Во спомен на нив, во Америка се произведува џинсот „Rokotov & Fainberg“.
Џинс од „варено“ платно
![]() |
Поради дејството на варакината остануваа дамки |
Главната причина за варењето на џинсот беше дефицитот. Од оној вистинскиот, „марка“ џинс, немаше за секого, а да носиш советски џинс, кој воопшто не сакаше да се излиже и на тој начин да стане сличен на оној од странство, не претставуваше престиж. Технологијата на варење беше едноставна. Поради дејството на обелувачот остануваа дамки. Како се прави тоа: 1) Џинсот се мота и се стиска силно со ластик и сите можни штипки; 2) Во топла, но незовриена вода ставаме обелувач (околу 1 чаша на 5 литри); 3) Го ставаме џинсот во водата и пуштаме водата да врие 15-20 минути; 4) Ги плакнеме новите варени панталони, и тоа е тоа. П.С: Почитувајте ги мерките за безбедност: користете ракавици и отворете ги прозорците.
Култ
![]() |
Популарни марки беа Levis, Wrangles, Lee |
Најпопуларната марка џинс во подоцнежниот период на СССР беше Мontana. Таа марка навистина постои во Германија (основана е уште во 1976 година.), но историчарите на модата го оспоруваат потеклото на советската Montanа. Најверојатно џинсот го шиеја некаде на југот на СССР, а потоа го испорачуваа на пазарот. „Адутот“ на Montanа беше тоа што тој џинс не можеше да се свитка и затоа беше многу тврд, па можеше слободно, без посебна кукла, да се стави во аголот на продавницата. Исто така, популарни марки беа и Levis, Wrangles, Lee.
Не чинеше евтино – од околу 100 рубљи (стандардната плата на советски инженер). Оние кои немаа пари за нив можеа да купат индиски или полски џинс. Неговиот квалитет се разликуваше од оној на „марката“, но кинењето на етикетите ги помируваше помодарите со реалноста. Кон крајот на осумдесеттите години на ХХ век во продажба почнаа да се појавуваат советскиот џинс „Твер“, „Вереја“, но нивниот квалитет не беше нешто особено. Впрочем, тој не се шиеше од деним. Затоа во голем подем беше занаетот „самострок“ – вештите мајсторки можеа од тексас-платно да „направат“ дома речиси „марка“ џинс.
Оригиналот на руски јазик.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче