Русинката Елена Максимова победи на меѓународниот избор на убавина „Мисис Универзум“, што се одржа во Софија (Бугарија) од 30 јануари до 5 февруари. Ова е прва победа на учесничка од Русија за 15 години колку што се одржува натпреварот (од 2007 година).
Согласно пропозициите, во натпреварот учествуваа 120 кандидатки од целиот свет - омажени, разведени или вдовици на возраст од 18 до 55 години. Елена има 34 години и е мајка на две деца. За неа ова не е прво појавување на подиумот пред жири, но не може да се каже дека таа е типична учесничка на натпревари за убавина.
Се родила и пораснала во многудетно семејство во Удмуртија, во провинциската населба Гиа со 10.000 жители. Нејзиниот татко бил директор на локалната фабрика.
Според зборовите на нејзиниот соученик Игор, Елена на училиште била скромна, многу тивка и невпечатлива. Затоа нејзината победа изненадила многумина во родното село. „Колку што знам, таа не се занимаваше со танцување, пеење или манекенство. Нашето село е такво што во принцип немаше такви секции. Ние сме провинција“, вели тој.
„Лена секогаш се облекуваше многу едноставно, нејзината облека никогаш не ѝ ја истакнуваше фигурата, беше опуштена во однос на тоа прашање. А и момчињата не трчаа по неа како глутница...“, додава Игор.
Со идниот маж Иљја скромната девојка се запознала исто така на училиште. Во брак се осум години, имаат син и ќерка.
„Нејзиниот сопруг Иљја учеше во соседниот клас. Никој не знае како се гледале, сé беше тајно, бидејќи таа е многу скромна и не сакаше да се зборува за нејзиниот приватен живот“, вели нејзиниот соученик.
Изборот во убавина „Мисис Универзум“ не е класичен натпревар на манекенки. Жирито ги избира финалистките откако учесничките ќе се претстават како личности, мајки и ќе покажат како се снашле во животот. Во овој поглед, достигнувањата на Елена се импресивни.
Елена има три високи образованија (од кои едното е магистратура во Лондон). Денес живее во Ижевск, главниот град на Удмуртија, каде што отвори мрежа училишта за јазици.
Нејзините интереси се исто така разновидни. Елена сака активен одмор и патувања. Веќе била во 34 земји и дури стана и професионален нуркач во Австралија. Признава дека изборите за убавина се исто така едно од нејзините хобија.
„Речиси секое мало девојче мечтае да учествува на избор за мис. Јас веќе не сум мала и не сум девојче. Мајка сум на две извонредни деца, сопруга и директорка. Но, тоа не ме спречи!“, вели Елена.
За да учествува на конкурсот за „Мисис Универзум“, Елена победи на натпреварот „Мисис Удмуртија“ и ја освои титулата „Втора придружничка на мисис Русија“.
Елена Максимова и директорката на конкурсот „Мисиз Русија на Светот“ ("Миссис Россия Мира") Ирина Кирсанова.
Пресс-служба Mrs.World.RussiaПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче