Луѓето не сакаат да се потсетуваат дека нема да живеат вечно. Така што идејата за претворање на погребните предмети во музејски експонати може да им изгледа шокантна. А сепак, единствениот музеј на светската погребна култура во Русија во предградието на Новосибирск ќе го најдете во секој водич за сибирскиот град и ќе дознаете и дека е меѓу најпосетуваните.
Музејот на смртта се наоѓа веднаш до крематориумот на околу еден час од центарот на градот. Првото нешто што еден посетител го забележува се две портокалови згради кои оддалеку упаѓаат во очи. Оваа светла боја ја избра основачот на двете установи, новосибирскиот претприемач Сергеј Јакушин.
Интересот за погребни услуги се појавил кај него од лични причини. Во деведесеттите години му бил дијагностициран рак и тој, за да го надмине стравот, почнал да собира разни предмети поврзани со погребната култура и погребните ритуали во различни земји. Во 1992 година организира меѓународна изложба на оваа тема, во 2003 година го отвора првиот крематориум во градот, а во 2012 година Музејот на смртта.
Сергеј Јакушин
Музей смерти„На почетокот ни самата не верував дека некому ќе биде интересно“, вели директорката на музејот и сопругата на неговиот син Татјана Јакушина. „Кога го отворивме музејот, овде седев сама. Кога имавме по тројца посетители дневно, бевме многу задоволни“.
Денес, сепак, тоа е еден од најпопуларните музеи во градот. „Се разбира, темата на смртта е табу, никој не сака да размислува за страшни работи, но во суштина тоа е единствениот загарантиран настан во животот на секој човек“, вели Татјана. „Кај нас се добредојдени луѓето со нивните стравови, прашања, приказни. Со задоволство ќе поразговараме за тоа со нив“.
Уште во 2013 година Сергеј Јакушин потпиша договор за својот погреб со својот крематориум. „Сé беше предвидено, од рутата по која ќе се движи поворката и изгледот на сандакот, направен во неговата работилница, до песните што ќе се свират. Една од неговите желби беше колата со сандакот да помине по централните улици на Новосибирск, неговиот роден и сакан град“, вели Татјана.
Болеста го однесе Јакушин во 2022 година, но зад себе тој остави големо наследство: околу 30 илјади експонати поврзани со погребните обичаи. Тие се сместени во три одвоени павилјони, за чија обиколка на посетителот му се потребни неколку часа.
„Ги запознаваме луѓето со историјата на погребната култура, за да го согледаат искуството од минатото“, вели уметничкиот директор и водич во музејот Ина Исаева додека се приближуваме до поставката „Тажна соба“, во која седи кукла на ужалена жена од крајот на XIX век. „Ние не ги плашиме луѓето со смртта, нашиот музеј е посветен на животот.
Првата и најголемата сала е посветена на погребната култура од епохата на викторијанска Англија, кога во високото општество се појавил протокол кој го регулирал однесувањето по погреб и за време на жалост. „Тогаш, погребот се сметал за последната свеченост во животот на една личност и богатите луѓе не штеделе пари кога се работело за организирање на овој настан“, вели таа. Тука се прикажани стари гравури, бројни фустани на ужалени жени, украси направени од прамени коса и медалјони со прамени коса на починати, како и различни видови погребни урни.
Втората сала е посветена на темата погреби во различни култури и религии: јудаизмот, исламот, будизмот, католицизмот и православието.
И, се разбира, на советските погреби. Реплика на балсамираниот Ленин, каков што е во мавзолејот, советски сандаци покриени со плиш, кои го симболизираат „пламенот“ на револуцијата, бидејќи советскиот човек не требаше само да живее, туку и да умре на советски начин, објаснува Ина.
Во третата сала е поставката на тема десетгодишнината на музејот, од првите експонати до тематските изложби за катастрофата во Чернобил.
Кога човек ќе помине низ сето тоа, малку се навикнува на скелетите (за волја на вистината, не вистински), саркофазите, погребната облека, па дури и на морничавите фотографии.
Освен колекцијата на Јакушин, има и експонати донирани од други луѓе (најчесто документи) и други музеи. На пример, тука има реплика на ковчег за повеќекратна употреба со дно што се отвора од Музејот на погребна опрема во Виена [Bestattungsmuseum].
„Луѓето често нé прашуваат дали се плашиме. Не се плашиме“, се смее водичот Евгенија Јудина. „Можеби е страшно кога некаде во голем град доцна навечер стоите сами на автобуска станица. А ова е музеј за културата и науката“.
Евгенија по образование е филолог, претходно предавала во училиште. „Моето семејство беше меѓу првите Новосибирци кои се одлучија за кремација во 2003 година“, вели таа. „Се случи неколку пати да бидам клиент на овој крематориум. Подоцна се запознав со Татјана, се спријателивме и таа ми понуди да работам во музејот“. Таа ги води турите веќе втора година и смета дека тоа е нејзината судбина.
А Ина стигнала во музејот на смртта од драмскиот театар. Никогаш претходно не била во музејот, а основачот на музејот го видела само на неговото последно испраќање, но била шармирана од уметничкиот вкус на неговата колекција.
„На оваа тема ѝ приоѓам од гледна точка на истражувач“, вели таа. „Немам кошмари, помеѓу оваа тема и мојот живот има голема дистанца, иако разбирам дека тоа е нешто што ќе им се случи на сите порано или подоцна. Оваа дистанца пред сé ми помага да се зачувам себеси, а во притоа да видам многу нови нешта“.
Како што објаснуваат вработените, треба да знаеме дека смртта е дел од нашиот живот и треба да имаме почит спрема неа, а не да си играме со неа.
„Не велам дека воопшто не размислувам за смртта, понекогаш човек размислува за сé“, вели Ина. „Но, се трудам да се фокусирам на мојот живот, на она што е во моја моќ и на она што ми е судено. Кога човек работи на ова место, може да ја види кревкоста на животот. Сите ќе си заминеме, прашање е само што ќе оставиме зад нас и како луѓето ќе нé паметат“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче