Тврдината „Александар I“, Кронштат
Andrew Shiva (CC BY-SA 4.0)„Рускиот „Форт Бојар“ е најчестото име за ова морско утврдување на два километри од Кронштат (град во близина на Санкт Петербург). Всушност, било изградено 20 години пред француската тврдина - во 1845 година - и никогаш не било користено како затвор. Всушност, не се прославило како одбранбено утврдување. Неговата судбина беше многу поинтересна.
Кронштат е град-тврдина на островот Котлин, кој е опкружен со цел систем на помали утврдувања на околните острови. Овие утврдувања почнале да се градат практично веднаш по основањето на Санкт Петербург, поточно една година подоцна, во 1704 година и тоа траело сé до почетокот на ХХ век. Градот го штитат вкупно 21 утврдување, од кои 17 се во Финскиот залив, додека останатите се на копно.
Утврдувањето, кое го добило името во чест на царот Александар I, се градело од 1838 до 1845 година на посипениот со земја остров. Можело да смести гарнизон од 1000 луѓе. Исто така, имало над сто топови со голем калибар, накратко, руските морнари биле наоружени до заби. Сепак, во текот на целото свое постоење тие биле само три пати во состојба на борбена готовност: во 1855 година за време на Кримската војна, во 1863 година кога постоела можност за конфликт со Британската империја и во 1877 година за време на Руско-турската војна. Притоа утврдувањето „Александар I“ никогаш не учествувало во воени дејствија, а во 1896 година била расформирано. Сепак, не останало долго време напуштено.
На крајот на XIX над светот се надвила опасност од епидемија на чума. Оваа смртоносна болест обично се поврзува со Средниот век, но токму во споменатото време повторно станала реалност. Со развојот на железницата и парабродовите чумата почнала да се пробива од азиските земји до југоисточните делови на Русија и властите стравувале од натамошно ширење на инфекцијата во Европа. Во 1897 година царот Николај II основал посебна комисија „за спречување на ширењето на заразата од чума“, на чие чело се нашол војводата Александар Олденбуршки.
Тоа бил образован човек кој водел преписка со францускиот микробиолог Луј Пастер и германскиот лекар Роберт Кох. Го основал Императорскиот институт за експериментална медицина кој добил задача да направи вакцина и серум против чумата. За серумот се користела коњска крв со антитела против yersinia pestis, бактерија која предизвикува чума. Производството на препаратот било опасна работа и Олденбург успеал да го добие на употреба напуштеното и изолирано утврдување „Александар I“. Во просториите на утврдувањето биле воведени водовод, струја, парно греење и канализација. Постепено, тврдината станала позната како „Чумна“, иако таму се проучувале и колера, тетанус и тифус.
Секоја година лабораторијата произведувала околу половина милион дози серум кои ги испраќала во Азија и Европа (на пример, во 1900 година, неколку илјади дози отишле во Глазгов, каде што се појавила чума).
Во тврдината постојано живееле околу 40 соработници. Стоката од „копното“ пристигнувала со бротчето „Микроб“ и била оставана во пристаништето. Научниците не го напуштале островот, бидејќи тоа можело да доведе до ширење на опасната болест. Познато е дека во 1904 и 1907 година двајца лекари починале откако се заразиле при работа.
Истражувањето траело до Првата светска војна, кога повеќето научници биле повикани на фронт. По Февруарската револуција од 1917 година, војводата од Олденбург морал да ја напушти својата должност и да си оди од земјата. Новото раководство на институтот ја преместило лабораторијата во Саратов (јужниот дел на Поволожје), каде што во 1918 година бил основан институтот против чума „Микроб“.
Од 1923 година, тврдината се користи како складиште за миноловечка опрема, но на почетокот на 1980-тите е фактички целосно напуштена. Кронштат до 1996 година беше затворен воен град, а за снимателската екипа на филмското студио „Ленфилм“ беше направен исклучок. Кон средината на 80-тите таму е сниман филмот „Барут“ за настаните од Втората светска војна, при што се користени вистински реквизити.
Кадар од филмот „Барут“
Виктор Аристов/Ленфильм, 1985Затоа пожарот во филмот изгледаше многу реалистично, утврдувањето настрада многу, а неговите црните ѕидови станаа негов знак за препознавање.
Кон крајот на 1990-тите таму се одржуваа летни рејв забави, а потоа во тврдината почнаа да пристигнуваат туристи.
Во 2017 година тврдината повторно преживеа пожар. Причината беше отпад.
Денеска е во тек реставрацијата на утврдувањето, а во 2025 година таму ќе биде отворен музеј.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче