Зошто луѓето на Сибир ги почитуваат мечките како свои предци?

Начин на живеење
СОФИЈА ПОЉАКОВА
Некои староседелски сибирски народи ја почитуваат мечката како свој предок, обидувајќи се да ја одоброволат во различни обреди, на празници и за време на ритуален лов.

Култот на мечката е специфичен културен феномен, кој порано бил распространет во областа околу Бајкалското Езеро и реката Амур. И денес, меѓутоа, се среќаваат претставници на народи на Сибир кои го чуваат традиционалниот начин на живот.

Мечката како предок

На Сибир живеат Евенките, Хантите, Манските, Нивихите, Уљачите и многу други староседелски народи. Некои од нив и денес веруваат дека секој има како предок некое животно. Тие не само што лежат во зачетокот на определен род, ами и го следат во текот на целото негово постоење. Често тоа биле животни распространети во подрачјата кадешто живееле овие народи, благодарение на кои луѓето успеале да преживеат во различни ситуации. Една од овие животни била и мечката. Со нејзиниот култ се поврзани голем број обичаи кои до денешен ден се почитуваат кај припадниците на определени малобројни етнички групи.

На пример, дел од народот Евенки, староседелци на Источен Сибир, мечката се нарекува „амикан“ (дедо, старец), „амакчи“ (прадедо), „ами“ (татко) и со други називи поврзани со фамилијата. Овој народ традиционално се занимава со лов. Секоја зима ги напуштаат своите села и заминуваат во оддалечените делови на тајгата. Иако мечката за нив е свето животни, таа е и добар улов. Пред сѐ поради нејзиното ценето сало кое поседува лековити својства.

Евенките веруваат дека ловецот може да убие строго определен број мечки, и дека, ако го надмине тој број, ќе го казнат вишите сили и ќе го изгуби животот. Затоа процесот на убивање животни поседува ритуални црти. Ловецот им се извинува на животните и им објаснува зашто започнал со лов. Месото понекогаш се закопува, а понекогаш се јаде. Евенките веруваат дека во тој случај нема да ги следи духот на убиеното животно. Подоцна го спроведуваат обредот „такамин“ (да се прелаже мечката) на следниов начин: сите учесници на ловот го делат на трпезата месото од убиената мечка и му посакуваат на ловецот што ја убил среќа, здравје, а исто така и да улови голем број елени. Самиот ловец последен пристапува на трпезата, а кај неговиот шатор се закачуваат да висат очите на мечката.

Култот на мечката постоел и кај Бурјатите. Како и Евенките, тие сметале дека мечката е „член на фамилијата“ и ја нарекувале, меѓу другото, „бабагај“, што е збор со кој се означуваат сите постари роднини. Токму бурјатскиот фолклор ги има создадено двете најраспространети митски верзии за потеклото на мечката. Првата гласи дека ловецот доброволно се претворил во мечка поради зависта и злобата на најблиските. Според втората верзија, човекот е претворен во мечка поради гревови: алчност, суровост, завидливост. По комбинацијата на шаманизмот и тотеизмот, кај Бурјатите се појавило верување дека мечката исто така била шаман, и тоа најмоќен меѓу шаманите.

Празник на мечката

Највпечатливо култот на мечката се гледа во празникот на мечката. Секој народ има своја легенда за неговото потекло. Кај народот Евенки таа гласи: млада девојка којашто се нашла во шумата дошла во брлогот на мечката и таму ја минала зимата. Напролет, кога се вратила дома, родила мече, кого го одгледала како син, а подоцна се омажила и родила момче. Кога браќата пораснале, решиле да си ги одмерат силите и човекот ја убил мечката. Таа, умирајќи, му рекла на братот како правилно да лови мечки да ги закопува. Легендите можат да се разликуваат, но во секоја постои заеднички мотив: мечката го избира човекот кому му го предава тајното знаење за ловот и за правилното постапување кон „сродниците“.

Кај некои народи празникот се приредувал по повод успешен лов на мечка, кај други се одржувал циклично секој јануари или февруари. Во првиот случај централен настан била трпезата – местото од убиената мечка се јадело ноќе, од почетокот до крајот на прославата, при што еден од роднините на ловецот јадел сурово месо за да добие сила, мудрост и особини на мечка. Во паузите меѓу јадењата се играло, се пеело и се свирело.

Редовниот годишен празник не бил поврзан со ловот. Понекогаш се славел како задушница посветена на починат роднина чија душа, според верувањата преминала во мечка, а понекогаш како обреден празник, во текот на кој племето се заблагодарувало на мечката и се трудело да ја умилости. Во шумата ќе се нашло мече и три години се одгледувало во кафез. Во прво време домаќинката дури и го доела како дете и го нарекувала син. Кога ќе изминеле три години, домаќинот ги понудувал со вино духовите и му се извинувал што повеќе не може да ја чува мечката. Потоа заедно со гостите му приоѓал на кафезот и ѝ нудел храна на мечката. Потоа ќе ја извел од кафезот и ќе водел по куќите, каде домаќините ѝ давале храна и ѝ се поклонувале за на својата куќа да ѝ обезбедат благосостојба. На специјално приготвено место ја убивале мечката, ѝ ја дереле кожата и ѝ ја ваделе утробата.

Главата и кожата на мечката ќе ја спуштеле во куќата низ оџакот. Потоа приредувале вечера: се служело варено мечкино месо кое се вадело од казан со црпалка со лик на мечка и се сервирало во специјален дрвен сад. Коските по јадењето се собирале и им се дарувале на домаќините заедно со некој подарок. Пред крајот на празникот најстарите селани цела ноќ седеле пред черепот на мечката и разговарале со него.