Седум навики од животот во советските станови од кои Русите ни денес не се откажуваат

Russia Beyond (Владимир Смирнов / TASS; Legion Media)
Во советско време се формираше специфичен стил на секојдневие до кој се придржуваа неколку генерации луѓе. Многу навики повеќе не се вклопуваат во ритамот и правилата на модерниот живот, но нешто од сето тоа, сепак, се задржало и денес.

1. Чистење теписи со снег

Советската опсесија со теписите подразбираше внимателна грижа за нив. Теписите собираа прашина не само на подот, туку и на ѕидовите, па повремено мораа добро да се истресат („излупаат“). За таа цел во дворовите на станбените згради беа поставувани посебни конструкции на кои се закачуваа теписи (во некои дворови и понатаму стојат). Најдобар резултат се постигнуваше зиме кога теписите можеа да се чистат и со снег.

Теписите од советските станови после многу години и понатаму служат на својата намена, а луѓето по навика продолжуваат да ги чистат со народниот метод, изнесувајќи го тепихот во дворот и таму добро го „тепаат“.

2. Бојадисување на ѕидовите само до половина, во зелена или светло сина боја

Овој чуден обичај првично беше предизвикан од тривијална причина - штедење. Ѕидовите беа бојадисувани до висина на човек или малку пониско, што беше доволно да се избегнат бели траги на облеката и да се заштитат ѕидовите од нечистотија.

Ова главно се однесуваше на влезовите, болниците, домовите на култура, трпезариите, тоалетите... Стандардната зелена или светло сина може да се објасни со тоа што овие бои секогаш беа во продажба, бидејќи се произведуваа во огромни количини за потребите на автомобилската и одбранбената индустрија и бојадисувањето на железничките вагони. Покрај тоа, споменатите бои, наводно, најдобро ги покриваат вандалските натписи, оштетувањата и други недостатоци.

Денеска веќе нема никакви ограничувања во однос на боите и материјалите, меѓутоа влезовите и другите слични места останаа исти по прашањето на бојата и техниката на реализација. Станарите сега можат сами да ја изберат бојата и да го известат управникот за тоа, но доколку не покажат иницијатива, во деведесет проценти од случаите влезот ќе биде во зелена или сина боја и бојадисан само до половина ѕид, според премолчената традиција.

3. Садови што не се користат

Кристален или порцелански сервис кој беше ставен во креденецот поголем дел од годината е типична приказна на советскиот дом. Во СССР таквите садови беа симбол на имашливо семејство и на стоки кои беа тешко да се најдат во продажба, затоа и беа чувани заштитени со стакло и изнесувани само во посебни пригоди, за гости. Останатите денови се користеа обични евтини чинии.  Секојдневни оброци од оние „украсените“ беа незамисливи.

Оваа навика е останата и денес, во време кога нема никаков недостиг, а статусот не се покажува со сервиси. Садовите за „празници“ можат да седат во кутија со години, неотпакувани, чекајќи некоја посебна пригода, а на многумина им е сè уште тешко да се простат од кристалот на баба.

4. Постсоветска уметност на цветни леи

„Зграда со примерна култура на живеење“, беше називот на натпреварот во СССР за најуреден и најчист двор. На победниците им беа доделувани плакети „Зграда со примерно одржување“. Немаше никаков мит кој ќе помогнеше во добивањето на овој статус, туку само упорна работа и креативност.

Жителите на зградите се трудеа, меѓу другото, да ги уредат дворовите онака како што веруваа дека е најинтересно (и од она што им беше при рака).

Предвид доаѓаше сè, од стари канти и гуми до импровизации со даски. И сите тие штркови, крокодили и лебеди се чини дека се неуништливи. Ниту воведувањето казни за уметнички објекти од стари автомобилски гуми (четврто ниво на опасност) во Русија не помогна многу.

5. Декорирање на влезовите

Истото важеше и за влезовите на зградите, кои станарите традиционално настојуваа да ги направат попријатни опремувајќи ги со мебел, ставајќи цвеќе на симсовите, а на скалилата фотелји и столови, а понекогаш дури и теписи. Русите навистина сакаат „домашна атмосфера“ во јавниот простор.

6. Балкон претворен во склад

Советските типски станови не беа големи, па се водеше борба за секој метар слободен простор. На луѓето им требаше повеќе простор некаде да складираат сезонски предмети како скии, детски санки, зимски гуми и сé што не е најнеопходно. На крајот балконот беше претворан во преполн склад. Фразата „однеси го на балкон“ и ден-денес е актуелна во многу семејства.

7. Суботници

Бесплатната работа за општо добро почна да се применува во почетоците на советската власт како една од карактеристиките на „вистинската социјалистичка држава“. Постоеше како во рамките на претпријатието (во април, на роденденот на Ленин, сите работници работеа бесплатно), така и на ниво на индивидуални станбени згради. Учеството во суботник и чистењето на теренот се сметаше за општествено охрабрувачко однесување. Суботниците на почетокот навистина беа манифестација на револуционерен ентузијазам, а подоцна станаа задолжителни.

СССР повеќе го нема, но обичајот за колективно чистење на теренот се задржа. Сепак, одамна немајќи никаква врска со социјалистичката идеологија, со убедувањето на сè поголем број луѓе дека со тоа треба да се занимаваат соодветните компании или градските служби, ги доживува своите последни денови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња