Кој ќе победи на следниот фудбалски натпревар? Овој снежнобел мачор од Санкт Петербург знае сé!
Ахил ја започна својата кариера во спортот кога ги предвиде резултатите од Купот на конфедерациите во 2017 година (четири беа точни) и веднаш го освои Интернетот! Неговите предвидувања се цитирани преку 300 илјади пати во вестите. Ахил потоа ги предвиде резултатите на Светското првенство во Русија 2018 и имаше пет погодоци! Тој ги избира победниците така што ги вади знамињата од чинија.
Средновековниот замок Виборг (северно од Санкт Петербург) е позната туристичка атракција во Русија и одлично место за археолозите и историчарите. И, какво изненадување! Меѓу вработените во замокот се наоѓа и еден лисест мачор.
Според официјалната веб-страница на музејот, сер Филимон е виш „мјаукачки“ соработник „вработен“ од 2015 година. Секое утро го обиколува замокот Виборг и ја контролира територијата. Повремено присуствува на отворање на некоја важна изложба. Неговата лична асистентка Ана Авдукова вели дека сер Филимон бира само важни настани. Ана му помага да води блог на различни социјални мрежи и да комуницира со илјадници следбеници. Тој е презафатен е со својата научна работа!
Тој е еден од најпопуларните руски мачори на светот. Неговите сопственици, Ксенија и Роман, живеат во Москва и снимаат клипови за животот на својот харизматичен мачор од расата шкотски фолд.
Неговото јапонско име кое значи „ѕвездено дете“, го предложи нивната ќерка. Таа, исто така, бараше од нејзините родители да направат блог за нивното домашно милениче. Денес Хосико има околу два милиони следбеници и развиена соработка со продавниците за домашни миленици. Тој е вистинска ѕвезда!
Оваа голема пуфкаста мачка тешка преку 12 килограми ги освои срцата на милиони следбеници ширум светот. Мејн Кун Кефир живее во градот Стари Оскол (495 километри од Москва) во семејство со две деца од март 2020 година.
На почетокот беше многу слаб, но денес на тоа потсетуваат само фотографиите. „Тој е како човек. Многу е паметен. Дури седи со нас на иста маса кога вечераме, има свое столче, па ни прави друштво“, вели неговата сопственичка Јулија, додавајќи дека и понатаму има навика да ѝ спие на гради. „Кога беше маче, тоа беше во ред. Но, денес, кога ненадејно ќе ми легне на гради ноќе... морам да го избркам“, објаснува таа. Мачорот стана популарен кога корисниците на „Редит“ го свртеа вниманието кон неговиот блог.
Во декември 2020 година вработените во комплексот за селектирање отпад во Улјановск (704 километри од Москва) си ја работеа својата работата. Одеднаш, еден од работниците здогледа црно-бела мачка во една кеса. „Здогледав очи што ме гледаа! Се изненадив, ја пресеков вреќата и извлеков мачка. Мачката во вреќата не мјаукаше, ниту пак мрдаше“, рече тој. Тоа беше питома мачка и добро хранета. Оваа приказна стигна до медиумите и набрзо вработените добија многу пофалби, па Министерството за природа и одржлива економија на Улјановската област одлучи да го награди спасителот на мачката. За среќниот мачор отвори и „позиција“ во министерството!
Го нарекоа Кајт и го именуваа за заменик-областен министер за заштита на дивината. Прес-службата тврди и дека мачката поголемиот дел од времето го поминува во собата за прием во министерството и главно спие во фотелја.
Дали некогаш сте го гледале „Големиот брат“? Можете ли да замислите нешто слично... со мачки? Тие комуницираат, се караат, се заљубуваат, па дури и се тепаат. Над два милиони луѓе го следат животот на ова семејство шкотски фолдови. Тука се најмалото момче Љољик, мајка му Миса, вујко му Тима и баба му Сави.
Да не ја заборавиме и црната шкотски мачка со преклопени уши Леа, која гостува во оваа голема куќа. Сопственичката на куќата е млада дама која шие прекрасни меки играчки според ликовите на своите миленици и им ги испраќа на своите следбеници.
Каракет е најголемата домашна мачка чиј предок е каракалскиот рис. Тие се многу ретки, но се неверојатно шармантни и привлечни. Една од нив е Ариел, која буквално го освои рускиот интернет.
Со своето семејство составено од Ксенија и Егор од 2017 година живее во типичен московски стан. На нивната мачка ѝ направија лавиринт, за да не ѝ биде здодевно. Исто така, често оди на прошетка во својата опрема. Тие споделуваат фотографии и клипови на социјалните мрежи и веќе имаат половина милион обожаватели.
Љоша е персиски мачор кој веќе собра над милион следбеници на социјалните мрежи.
„Еднаш мајка ми ми рече дека треба да ја исчистиме куќата навечер, бидејќи утредента на посета ни доаѓа момчето Љоша“, вели неговата сопственичка Анастасија. „Наутро отиде на работа. Јас спиев и слушнав како се враќа порано. Во рацете носеше бела топка. Рече „Запознај се со нашето момче Љоша“.
Интересно е што овој мачор реагира на своето име, а не на други имиња. Анастасија има изведено многу експерименти, довикувајќи го на други начини. Тој е навистина многу паметен. Сака и да патува. Неодамна помина шест дена во воз од Хабаровск до Москва.
Позната ви е фразата „Ако само седиш, нема да постигнеш ништо“? Ники го докажува спротивното. Неверојатниот мачор Ники, кој сака да седи како човек, брзо се стекна со популарност. Веќе има околу 200 илјади фанови. Неговата сопственичка Викторија Вирта вели дека Ники сака да стои на двете задни нозе до каучот, така што изгледа како човек што седи.
Се има појавено во многу телевизиски емисии, а и странските медиуми пишуваа за него.
Мачорот Суша и песот се најдобри пријатели кои сакаат да патуваат и да прават сè заедно. Нивната сопственичка Татјана Буркацкаја вели дека мачорот имитира сé што прави кучето. Нивните авантури таа ги објавува на социјалните мрежи.
Тиша е чивава, додека Суша е мелез од ангорска и турска ван мачка. Мачорот има бело крзно и шарени очи: сини и зелени. Кога бил маче, Татјана го носела на прошетки по својот крај. Сега има три години и со семејството оди на екскурзии во природа. Исто така патува низ Русија и со автомобил. Нивните клипови собираат милиони прегледи на социјалните мрежи!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче