Зошто Русија е татковината на слоновите?(!)

Kira Lisitskaya (Photo: Konstantin Kokoshkin/Global Look Press; Pixabay)
Како надреалистичка фраза го опиша новиот политички курс во земјата и што всушност значи тој? Дознајте како настана популарниот руски фразеологизам.

Ако живеевте во доцните 1940-ти и раните 1950-ти во Советскиот Сојуз, ќе бевте преплавени со вести за тоа што Русите измислиле овој пат. Имено, речиси секој ден советските граѓани можеа да слушнат за некаков научно-технички пронајдок на своите сонародници. На крајот на краиштата, додека седете во кујната и си го пиете чајот од комбуха, можеби ќе слушнете и дека Русија е татковината на слоновите.

Што значи тоа?

Според една верзија, оваа фраза првпат се појавила во советските политички анегдоти во 1940-тите, кога надворешната и внатрешната политика на СССР го сменија курсот: од воените времиња, кога САД и Западот беа доживувани како сојузници, советското раководство направи остро свртување, пронаоѓајќи ги во истите држави главните надворешни непријатели.

Во историјата овој период е познат како кампања на „борба против космополитизмот“, при што власта беше насочена кон потрага за „антипатриотски“ тенденции во уметноста, науката и општественото расположение. Таквата идеологија подразбираше дека треба да бидат разоткриени приврзаниците на Западот, да бидат исфрлени од јавните структури и константно да се истакнуваат сопствените достигнувања. Во периодот од 1948 до 1953 година, сé до смртта на Сталин, комунистите спроведуваа интензивна пропаганда на „советската научно-техничка надмоќ“, а како и секоја пропаганда, меѓу другото, и таа почиваше на фалсификување на историјата.

Се тврдеше, на пример, дека уралскиот селанец Артамонов го измислил велосипедот околу 1800 година и затоа Русите имаат право на првенство на овој изум. Или, пак, дека пионер на воздухопловството бил извесен руски писар Крјакутни (целосно измислен лик), а не Французите, браќата Монголфје.

Во рамките на таа кампања започна масовно преименување на сè што укажуваше на странско потекло: францускиот багет го доби името „градски леб“, виенската земичка стана „обична слатка земичка“, хандболот (ракометот) - „рачна топка“, француското борење беше преименувано во „класично“, а швајцарското во „борење за појас“. Фразата „Русија е татковината на слоновите“ е всушност ироничен коментар за обидот да се „национализираат“ сите можни откритија и појави.

Други верзии  

Според други верзии, фразата за татковината на слоновите дошла во рускиот јазик и советскиот секојдневен живот од други извори. На пример, таа наводно има шпанско потекло. „Зборовите „Русија е татковината на слоновите“ потекнуваат од шпански патник од XVIII век, кој на тој начин ги толкувал остатоците од мамут што ги видел во музејот во Санкт Петербург“, тврдеше советскиот математичар Владимир Арнолд.

Во современиот руски јазик терминот „татковината на слоновите“ се користи во поширока смисла. Не мора задолжително да се однесува на СССР или Русија, туку може да се употреби и за други земји и организации кои неосновано си го припишуваат приматот во нешто.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња