Таа ја претставува Русија во ММА, удира опасно, изгледа совршено, ја викаат Пантера!

Начин на живеење
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Дијана Авсарагова е непоразена во „Белатор“ и го зазема 10-тото место на ранг-листата во мува категорија.

Во своето деби во американската промоција на мешани боречки вештини „Белатор“, ММА-борецот Дијана Авсарагова ја шокираше публиката со нокаут што ѝ го зададе на противничката со неверојатна серија удари.

„Дијана АвсарагоБУМ!" – извика коментаторот на неверојатниот меч на 22-годишната спортистка со осетинско потекло.

Со пет борби и пет победи досега, Дијана се искачи на десеттото место на листата на „Белатор“ во женската мува категорија.

Покрај тоа што е талентиран борец со совршен рекорд од 5-0, Дијана е и убавица со огромни следбеници на „Инстаграм“. Од јули 2022 година нејзината страница има над 320 илјади следбеници.

Меѓу обожавателите на ММА таа е позната како „Пантера“ и овој прекар ѝ прилега совршено бидејќи Дијана изгледа и грациозно и во исто време убиствено.

Родена е на 7 август 1998 година во Северна Осетија. Нејзиниот татко се занимавал со борење, но предвреме ја завршил кариерата поради повреда. И мајка ѝ сакала да се занимава со спорт, но родителите не ѝ дозволиле. Сепак, токму на предлог на нејзината мајка Дијана го избрала борењето.

Покрај борењето, таа се занимавала и со мечување, туркање на рака, кик-бокс и танцување.

Раниот успех во аматерското борење ѝ го отвори патот на Дијана до професионалните борбени шампионати. Во 2014 и 2015 година таа освои бронзен медал на две руски првенства во борење во слободен стил кај девојките во категоријата до 60 килограми. Беше и повеќекратна победничка на разни турнири.

Дијана тренира и во Северна Осетија и во Москва. Во главниот град на Русија таа помина пет години тренирајќи во специјален камп за борци, пред да се врати во родната Северна Осетија.

На 19-годишна возраст Дијана дебитираше во професионалните борби во Русија и по два настапа во својата татковина таа потпиша договор со американскиот промотер „Белатор“.