Каков вкус има новиот руски „Мекдоналдс“?

Алексей Филиппов/Sputnik
Синџирот ресторани за брза храна под називот „Вкусно и точка“ ги презеде објектите на „Мекдоналдс“, но од менито отстрани дел од намирниците. Како им се допаднаа на московјаните новите хамбургери и дали ќе им недостига „Биг Мек“?
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

На 12 јуни Русија повторно отвори петнаесет ресторани на „Мекдоналдс“ наречени „Вкусно – и точка“ . Познатата глобална компанија го продаде својот бизнис во земјата на рускиот претприемач Александар Говор (тој поседува повеќе од 20 франшизни ресторани на „Мекдоналдс“ во Сибир). Така, многу Руси со голем интерес исчекуваа да видат како ќе изгледаат (и какви вкусови ќе понудат) овие нови ресторани.

А кога конечно се отворија, на влезовите се формираа огромни редици. Најголемата беше преку улицата од Пушкинскиот плоштад - всушност, тоа е точно истото место каде што во декември 1990 година беше отворен првиот „Мекдоналдс“ во Русија. Некои Руси на социјалните мрежи признаа дека тоа изгледало како да се вратиле во минатото. Како и пред 32 години, персоналот ги пречека гостите со балони.

На сликата горе – отворањето на првиот ресторан „Мекдоналдс“ во Русија 1990 година. Долу – отворањето на првиот ресторан „Вкусно и точка“ 12.06.2022.

Поголемиот дел од менито остана ист, но намирниците ги сменија имињата. На пример, „Filet-o-fish“ сега е „Fish burger“, „Royal deluxe“ стана „Grand deluxe“, а „McChicken premiere“ се вика „Chicken premiere“.

Гостите можат да најдат хамбургери во стилот на „Мекдоналдс“, чизбургери, помфрит, сладолед и милкшејкови. Сето тоа е подготвено по вообичаен рецепт и од состојки од руско потекло, исто како и претходно („Мекдоналдс“ користеше 85% домашни состојки). „Пилешкиот бургер е ист, но чизбургер котлетот има малку поинаков вкус“, вели Андреј, кој ги проба новите артикли. „За мој вкус, има помалку сол“. Лепчињата не се променети, забележа тој, исто така.

„Биг Мек“, „Биг Тејсти“ и „МекФлури“ исчезнаа од менито, бидејќи се регистрирани како бренд-имиња и затоа новиот синџир не може да ги продава. Ова навистина вознемири еден гостин во ресторанот кој дојде со транспарент на кој пишуваше „Вратете го „Биг Мек“. Меѓутоа, некои други гости на социјалните мрежи го нарекоа „барач на внимание“.

На менито сè го уште нема ладното кафе, кое е многу популарно во Русија во летниот период, но раководството на синџирот вети дека ќе го вклучи за неколку недели, кога повторно ќе се отвори кафетеријата во локалот. Што се однесува до другите ладни пијалаци, засега гостите можат да нарачаат „Кока-Кола“, но таа наскоро би можела да биде заменета со „Пепси“ или некој руски бренд.

Логото на „Вкусно и точка“, според договорот за набавка, не би требало да личи на она на „Мекдоналдс“. Наместо тоа, ќе содржи црвен круг со две дијагонални портокалови стапчиња на зелена позадина - симболизирајќи на тој начин хамбургер и помфрит. Меѓутоа, дизајнерот Иљја Гимелфарб смета дека тоа наликува на логото на португалскиот производител на храна за домашни миленици „Матос микс“.

„Кругот е како портокал. Двете стапчиња не личат на помфрит, туку повеќе на чипс. А самото лого изгледа како лого на некоја служба за испораки“, го опишува Алексеј идејното решение на официјалниот ВК профил на компанијата.

И новото име „Вкусно – и точка“ наиде на критики на интернет. „Нашиот народ сака да ги скратува имињата во секојдневниот говор. Се прашувам како ќе се вика ресторанот: вкусно или место“, се прашува Анастасија. 

„Тоа се чита како „Јади што ти даваат“, додава Екатерина.

Но, многумина мислат дека постои голема веројатност луѓето да продолжат да го нарекуваат „Мек“ - како што најчесто го нарекуваа „Мекдоналдс“ во Русија.

Меѓутоа, главното нешто во кое Русите веруваат е дека ќе се задржат сите работни места во земјата, додека само името на ресторанот е неважно. Според договорот, рускиот сопственик не смее да отпушти ниту еден вработен - вкупно околу 60000 луѓе - во следните две години.

Во другите региони во земјата до крајот на јуни ќе бидат отворени уште околу 200 ресторани „Вкусно и точка“. Александар Говор планира да го зголеми вкупниот број ресторани од 850 на 1000.

Според договорот, „Мекдоналдс“ исто така го задржува правото да си го откупи бизнисот во следните 15 години. Говор не зборуваше за цената на откупот, туку само ја нарече „мала“.

Патем, имитации на „Мекдоналдс“ веќе може да се најдат во многу руски региони - прочитајте за нив овде: 10 имитации на „Мекдоналдс“ и КФЦ забележани во Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња