Како граѓаните на Советскиот Сојуз спобудалеа по првиот „Мекдоналдс“ во земјата

AP
Денес е тешко да се поверува дека московјаните порано беа подготвени да мрзнат со часови во километарски редици заради еден хамбургер. Но кога 1990 година американскиот „Мекдоналдс“ дојде во Москва, градот буквално полуде.

Првиот ресторан „Мекдоналдс“ во СССР беше отворен на 31 јануари 1990. Тој ден неколку илјади московјани на Пушкинскиот плоштад направија редица долга неколку километри.

Првиот московски ресторан за брза храна „Мекдоналдс“ постави светски рекорд со преку 30000 гости на денот кога е отворен. Претходниот рекорд го држеше „Мекдоналдс“ во Будимпешта со „скромни“ 9100 муштерии.

На редот и мирот пред ресторанот во Москва внимаваше милицијата, исто како на големите фудбалски натпревари.

Да се добие работа во советскиот „Мекдоналдс“ воопшто не беше лесно. Првите работници го претставуваа кремот на младината: студенти на најдобрите универзитети со познавање на странски јазици. Тие момци и девојки беа вистинско олицетворение на љубезноста, т.е. ништо како она на што сите навикнаа да го гледаат во типичните советски ресторани и продавници.  

Посетителите на „Мекдоналдс“ во Москва не можеа да се изначудат кога ќе видеа насмевка на лицето на човекот кој ги послужува. Ситуацијата беше толку необична, а гостите затекнати, што раководството на ресторанот бараше од вработените помалку да се насмевнуваат.

Ресторанот на „Мекдоналдс“ беше само мал прозорец во железната завеса низ која советските луѓе можеа да ѕирнат. Така може да се објасни и лудницата која настана кога во Москва се појави познатиот „златен“ логотип.

Многумина по оброкот ќе ја понесеа дома и ќе ја чуваа како сувенир  хартијата на „Мекдоналдс“ за пакување на храната. 

Не можеме да кажеме ни дека храната беше евтина за тоа време. Еден „Биг Мек“ чинеше колку месец дена градски превоз.

На една стара фотографија можеме да го видиме тогаш уште непознатиот за светот Џејсон Стетхам! Идниот холивудски актер тие денови престојуваше во Москва како британски репрезентативец во скокови во вода, па не го пропушти ниту овој настан.

Лудницата околу отворањето на првиот „Мекдоналдс“ во Русија не траеше само еден ден. За хамбургер и помфрит се чекаше со часови и наредните години. Редиците се намалија дури откако беа отворени и други ресторани за брза храна.

Свеченото отворање на вториот ресторан 1993 година го почести со своето присуство лично тогашниот претседател на Русија Борис Елцин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња