- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
„Па, добро, влезете, штом веќе сте дошле“ – како да вели негуваниот црн мачор со бели шепи покажувајќи го својот посед, долгите подрумски ходници со топли цевки и ситни прозорци кон дворот. Мачорот Лушка и неговите бројни колеги работат во Ермитаж. Тие имаат многу важна задача, да спречат појава на глувци и стаорци во Зимскиот дворец, во спротивно музејските скапоцености би можеле да настрадаат.
Еднаш годишно Ермитаж ги отвора своите подруми и ги повикува посетителите да се запознаат со мачките кои живеат тука. Тој ден се слави како Ден на мачките на Ермитаж и се паѓа кон крајот на мај или на почетокот на јуни.
Од каде мачки во Ермитаж?
Мачките се тука во официјална служба уште од времето на царицата Елизавета Петровна. Имено, во 1745 година, врз основа на нејзиниот указ, од Казањ во Санкт Петербург пристигнале триесет најголеми и најагилни мачори. Тие ги чувале подрумите за време на Наполеоновата инвазија, и за време на револуцијата, и за време на советското владеење. Едно време против стаорците се користеле хемикалии, но се покажало дека само живи ловци на стаорци навистина можат да се изборат со нив.
Во текот на опсадата на Ленинград, мачките исчезнаа од градот и старите куќи беа исполнети со стаорци. Во опасност се најдоа не само ремек-делата на Ермитаж, туку и животите на луѓето, бидејќи стаорците ги јадеа продуктите и пренесуваа опасни болести.
Властите се обратија до жителите на регионите кои не беа зафатени од војната со молба да му помогнат на Ленинград да ја обнови популацијата на мачки. Најголемите „собирни центри“ беа во Јарослављ (250 километри северно од Москва) и Тјумењ (над 2000 километри источно од Москва). Во еден воз 1943 година во Ленинград пристигнаа повеќе од илјада вистински сибирски мачки. Во Тјумењ има дури и споменик посветен на тој настан. Можеби токму потомците на тие Сибирци го чуваат Ермитаж денес. А вработените во музејот едногласно велат дека никогаш не виделе стаорци таму. Ги плаши самиот мирис на мачки.
Тешко е да се изброи колку мачки има денес во Ермитаж, бидејќи тие не седат на едно место, туку постојано се во обиколка на подрумите (долги околу 20 километри) или се собираат во внатрешниот двор, каде што имаат дозволен пристап само тие и техничките соработници на музејот.
Директорот на музејот Михаил Пиотровски уште пред неколку години изјави дека поставил граница од педесет мачки, а целиот „вишок“ им го дели на добри луѓе. Сепак, музејските работници велат дека понекогаш има и повеќе мачки, бидејќи некои навраќаат во музејот само за храна (чинии со сува храна има речиси во секој агол), а потоа си одат по својата мачкина работа. „Ако ни дојде некоја мачка од улица, не ја бркаме“.
Мачката по муцката се познава
Ги знаеме и ги препознаваме сите постојани мачки во Ермитаж, велат работниците во подрумот. „А некои соработници ги знаат и по име“. Големиот црно-бел мачор Маврик, штом ќе си го чуе името, го прекинува состанокот на скалите со дамчестата Шарлотка и снежнобелиот Макар. „Колку убав домашен мачор“, го гали една од вработените. „Нели, Маврик?“
Подрумите се наоѓаат на целото подрачје на Зимскиот дворец. Поголемиот дел го заземаат „работните зони“, каде што мачките слободно шетаат и се препуштени сами на себе. А еден дел е одвоен за Мачкиниот дом.
„Овде има мачки кои се на лекување или на диета. Така, на пример, на Женева ѝ е препишан посебен режим на исхрана и за да не им ја зема храната на другите, ја сместивме овде“.
Пред подрумот, пругастата Женева живеела со исто таква пругаста Варја кај една вработена во Ермитаж, но кога газдарицата починала, на нејзините роднини не им требале мачките. Од музејот велат дека се трудат што поскоро да ги вдомат таквите мачки, бидејќи тие се навикнати на луѓе.
Пред да ги подарат некому ги вакцинираат, а ако се постари од 7 месеци тогаш ги стерилизираат. Некои мачки кои не нашле сопственици по подрумот се преселуваат во кафулето за мачки „Република на мачки“ недалеку од музејот. Основано е во 2011 година од ветеринарката на Ермитаж Ана Кондратјева која, патем, неодамна е и среќна сопственичка на мачорот-пророк Ахил.
Мачките како главен симбол на Петербург
И „Републиката на мачките“ има свој празник. Тоа е Денот на петербуршките мачори и мачки, што се одбележува веднаш по Денот на мачките на Ермитаж. Еден ден „Коногвардејскиот“ булевар станува КОТОгвардејски (кот на руски значи мачор) и е преполн со мачки од најразлични видови. Тука се собираат домашни мачки со своите сопственици, но и професионални одгледувачи кои прикажуваат ретки раси, како и волонтери кои на мачките и луѓето им помагаат да се најдат едни со други.
Мачорот Димок порано бил обичен сив талкач кој потоа ги нашол своите луѓе – сликарката Ана и нејзиното момче, а денес мирно шета на поводник и дури оди со сопствениците на одмор. „Многу ги засака патувањата, сака нови доживувања. Тоа е како и кај луѓето, некој сака да комуницира, а некој да седи дома и да гледа телевизија“, велат тие.
Тука на рамото на својата газдарица Елизавета се смести и курилскиот бобтејл Лаки, а на чистинката највкусната трева ја грицка бенгалскиот мачор Симба. Тој само изгледа страшно, а всушност цело време гледа со кого разговара газдарицата и дали доволно го фали.
„Идеен творец на настанот е всушност сликарот Дмитриј Шагин од групата „Митки“ во 2005 година“, вели портпаролот на „Републиката на мачките“ Олга Титович. „Мачките се симбол на удобноста, добрината, а покрај тоа се и пругасти, а членовите на креативната група „Митки“ се исто така на пруги, затоа на прославата на празникот гостите доаѓаат во морнарски маички. Кога беше отворена „Републиката на мачките“ ја презедовме оваа традиција и почнавме секоја година да го славиме големиот градски празник. Сметаме дека мачките ги поврзуваат и спортистите и бизнисмените и уметниците, сите луѓе“.
На настанот „Република“ не вдомува мачки, но им советува на луѓето промислено да пристапат на изборот на својот домашен тигар. „На мачките им треба човек, а на луѓето мачка. Затоа ние сме некаков вид агенција за запознавање“, вели Олга. „Зашто, кога ѝ помагаш на мачка, не се знае кому повеќе помагаш – на мачката или себеси“.