Традиција долга три века: Со какви цветни мотиви се украсувани познатите руски шалови

Начин на живеење
ЕЛЕОНОРА ГОЛДМАН
Нивното производство започнало во фабрика во подмосковскиот град Павловски Посад кон крајот на 18 век. Оригиналниот цветен принт на овие шалови го втемели концептот на убаво кој со векови е присутен кај Русинките.

Се чини дека никаде во светот шаловите не се толку омилени како во Русија. Со задоволство ги носат жени од сите возрасти, зиме со овие марами си ја врзуваат главата наместо шал, а лете како наметка. Во Русија постојат различни видови традиционални марами, но ниту една не е толку популарна како онаа од Павловски Посад. Токму оваа богато украсена марама со цветни дезени во странство се нарекува руска и се купува како сувенир.

Притоа е многу едноставно да се направи разлика помеѓу шал од руско производство и кој било друг. Првиот е, пред сè, во вид на квадрат и е направен во само неколку димензии (од 72x72 до 148x148). Второ, традиционалните шалови се направени од природни материјали, волна, свила или памук, иако понекогаш се додава мал процент на вискоза, заради цврстина. Трето, секоја марама има свое име смислено од нејзиниот креатор. И секако, иако денес има голем број на оригинални принтови, руските марами се препознаваат по симетричните растителни мотиви со крупни дезени во средината.

1. Дезен „ориентална краставица“

Марамите дошле во Европа од Исток, па затоа не е чудно што првата мостра на руските марами бил таканаречениот пејсли (paisley) дезен, декоративен елемент во вид на краставица или капка. Руските марами притоа се украсуваат со „краставици“, „грав“, „лепези“, во препознатлив манир, симетрични крупни дезени во аглите и секогаш се во светли бои, за добро расположение во студените зими. До средината на 19 век, токму овие источни мотиви биле најпопуларни, не само на марамите произведени во Павловски Посад, туку и во другите руски фабрики, кои денес ги нема.

Модерните марами и денес ги красат најразлични ориентални мотиви, а добри примери се „Источно патување“ (репринт на еден од првите дезени на марами, син и бордо кашмир дезен на кафена позадина), „Вештерка“ (реплика на популарните мотиви од крајот на 19 век) кафеави спирални шари на црна позадина), „Женска среќа“ (златни дезени на сина позадина), „Бисерна роса“ (црвени шари на црна позадина).

2. Големи рози

Мотивите на големи расцутени пупки од рози на ткаенини, керамика и ентериер станаа модерни во Русија во 1970-тите, и го достигнаа зенитот на нивната популарност токму во производството во фабриката во Павловски Посад. На почетокот цветните мотиви имаа три позадини: црна, бордо (или потемно црвена) и светла (ленена боја). Модерните уметници користат и сина, зелена и розова боја, сликајќи ја комплицираната позадина со цветни аранжмани. Уметниците не се двоумеја да ги комплетираат композициите со детали кои тогаш беа „во тренд“, како што би рекле модните критичари, додавајќи секакви спирали, панделки, малинови гранчиња или вплетувајќи дури и друго цвеќе во букетот. Сè само марамата да им се допадне на купувачите.

Розите во најширока смисла симболизираа богатство, убавина, чувства, па шалот со овој мотив секогаш беше популарен како подарок. Мотивите на розите се препечатуваат со години, па така и денес може да се види марамата „Бели рози“ (рози на сина позадина), дезен од педесеттите години на минатиот вел, потоа „Боите на летото“ (розови цветови со зелени листови на црвена позадина), старински мотив, очигледно, од крајот на 19 век, како и многу други.

За фабриката од подмосковскиот град се карактеристични шалови со верно насликани големи пупки кои изгледаат како тој момент да се набрани во градина.

3. Необични георгини

Друг популарен цвет со кој руските дизајнери сакаат да ги украсуваат шаловите се георгините со најразлични, но секогаш светли бои и со контрастна позадина. Во природата далиите се бели, црвени, портокалови, додека марамите од Павловски Посад можат да бидат и сини, виолетови и златни. Георгините, инаку, се симбол на благодарност. Како и розите, тие често се украсени со панделки и листови, во согласност со актуелните модни трендови. Можат да бидат и во „букет“ со друго градинарско цвеќе како божури, лилјани или лалиња.

4. Полско цвеќе

Покрај елегантните рози и георгини, на павлопосадските шалови може да се сретне и наједноставно полско цвеќе. Модните креатори често се одлучуваат за симпатични композиции на синчец, споменче, камилица, односно цвеќe кое лете расте на руските ливади. За разлика од градинарското, речиси секогаш е ситно, но во композиција со други цвеќиња, создавајќи од „букетот“ големи венци.