Како изгледа Крим по најголемата поплава во последните сто години (ФОТОГРАФИИ)

Начин на живеење
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Поројот носеше автомобили. Над 100 улици беа поплавени. Некои куќи се поплавени до покривот. Што се случува една недела подоцна во едно од најпопуларните руски одморалишта?

На 18 јуни Јалта ја погоди многу моќен циклон. Врнеше повеќе од шест часа, а во текот на ноќта во градот падна месечната норма на врнежи. Реката Водопаднаја го поплави речното корито и поројот вода тргна по градските улици.

За само неколку дена во градот паднаа над 135 милилитри дожд. Нешто слично се случи пред сто години, соопшти Јанина Павленко, раководител на локалната администрација.

Под вода се најдоа преку 100 улици и подземни премини, а поголемиот дел од градот остана без струја. Некои куќи беа потопени до покривот, а сега се затрупани со камења и кал. Следниот ден луѓето беа евакуирани од поплавената зона.

На полуостровот беше прогласена вонредна состојба. Шефот на Република Крим Сергеј Аксјонов мораше со чамец да го посети центарот на градот. Тој рече дека штетата од поплавите е „катастрофална“.

Едно лице го загуби животот во поплавата, а 54 лица се повредени, додека едно лице се смета за исчезнато.

По поплавата плажите во Јалта повеќе личеа на депонија, со купишта шут и кал, скршени чадори за сонце, лежалки и сè што остана од кафулињата и рестораните покрај плажата. Крајбрежната зона мораше да се рамни со булдожери.

Повеќето од плажите сега се отворени за посетители и туристите повторно одмараат на нив. Во меѓувреме, дојде вода и струја.

Меѓутоа, и понатаму е забрането капење во морето бидејќи водата е сè уште нечиста.

На плажите патролираат полицајци и спасувачи. Тие се грижат никој да не влезе во водата бидејќи не сите туристи ја напуштија зоната во која е прогласена вонредна состојба. Има и такви кои „толку долго го чекаа летувањето“ што решија да останат.

Од друга страна, на некои плажи сé уште луѓе со мегафони им нудат на туристите забава на вода, т.е. скутери и гумени чамци во вид на банана.

Контингент од 21000 војници беше испратен на Крим да го расчисти градот. На некои места луѓето се обидуваат сами да го направат тоа со раце. Властите издвоија 57,8 милиони рубли (800500 долари) за отстранување на последиците од поплавата.