Крим: практични совети што ги нема во водичите

Lori/Legion-Media
Патувањето на Крим по спојувањето со Русија не е опасно за странските туристи и покрај официјалните ставови на определени западни држави. А, не мора ниту да биде скапо, доколку се придржувате на советите што нема да ги најдете во туристичките проспекти.

Пред нешто повеќе од една година Крим повторно влезе во составот на Руската Федерација, по што на сајтовите на министерствата за надворешни работи на многу европски држави (на пример, на Германија) беше објавено предупредување во кое на странските туристи им се препорачува да не патуваат на Крим. Ова, практично, значи дека странските туристи за време на престојот на Крим не можат да побараат помош во конзулатите на своите земји доколку ги изгубат документите или се најдат во некаква незгода, и дека сите евентуални ризици мораат да ги преземат врз себе.

И покрај тоа, на Крим има гости од странство. Доколку и вие планирате да отпатувате на овој руски полуостров, обрнете внимание на неколку важни детали што ги нема во туристичките проспекти.

Како да се стаса

Главниот сообраќаен јазол на Крим е Симферпољ, каде што постои голема железничка станица и каде што се наоѓа единствениот аеродром на полуостровот. На аеродромот неодамна беа отворени два нови терминали.


ТАСС

На Крим најлесно се стасува со авион. Можете да ги искористите услугите на неколку руски компании, како што се „Аерофлот“, „Трансаеро“, „Ѕ7“, или нивните компании-ќерки „Донавиа“ и „Utair“, како и „Вимавиа“, кои од три московски аеродроми организираат повеќе чартер-летови дневно.

Со оглед на тоа што авионите се најчесто полни, најдобро е однапред да резервирате лет, доколку сакате да седите до прозорецот или заедно со својот сопатник. Летот трае околу два и пол часа. Просечната цена на авионската карта изнесува 5.500 рубли (околу 80 евра).

Доколку до Симферпољ патувате со воз, ќе морате да преседнувате неколку пати. Најпрво треба да стасате до Краснодар, таму да се качите на автобус до пристаништето Кавказ, а потоа со траект до Керч на Крим, па оттука до крајната цел со воз, со автобус или со такси.

Подетални информации на руски јазик и точните маршрути можете да ги најдете на сајтот на „Руски железници“.


ТАСС

Откако ќе го добиете својот багаж, уште во самата зграда ќе ве пресретнат таксисти што нудат превоз до градот за 1.000 рубли (15 евра), како и до другите места на Крим (Јалта, Алушта или Севастопољ) за 1.800 до 2.000 рубли. Тоа е десет пати повеќе од автобусот што од аеродромот сообраќа до сите туристички места на Крим. Доколку добро знаете руски, можете слободно да отидете педесетина метри до тролејбуската и до автобуската станица. На шалтерот можете да купите билет кој на маршрутата од аеродромот до Симферпољ чини 14 рубли (20 евроценти), а до местата покрај морскиот брег од 100 до 200 рубли. Оваа препорака важи и за оние што на Крим доаѓаат со воз, зашто главната автобуска станица во Симферпољ се наоѓа веднаш до железничката станица.

Каде да се сместите

Најпопуларни кримски одморалишта се Јалта, Алушта, Федосија и Евпаторија. Севастопољ е пристаништен град.

Кога избирате хотел на Крим, обрнете внимание и на малите хотели и куќи во кои можете удобно да се сместите. Во нив цената за ноќевање изнесува од 1.000 до 3.000 рубли. За оваа цена можете да добиете комфорна соба со балкон, посебна бања и мала кујна со фрижидер, микробранова печка и чајник. За споредба, ноќевањето во стандардна еднокреветна соба во хотелот „Јалта Интурист“ на основа „олинклузив“ во јуни чини 8.900 рубли, а во екот на сезоната (од 1 јули до 28 август) околу 9.600 рубли.


ТАСС

Без оглед на тоа дали собата ја резервирате или сместувањето го плаќате во самиот хотел, имајте предвид дека цените во долари или во евра на рецепцијата ќе ви бидат пресметани во рубли според официјалниот среден курс. За однапред да ја подготвите потребната сума пари, проверете го курсот на рубљата на некој од официјалните сајтови.

Ви препорачуваме неколку мали хотели во најпопуларните одморалишта на Крим.
Јалта:
Хотел „Yacht Club Apartments“
Булевар Дражински 2A, 98000 Одрадное, Крим
Феодосија:
Хотел „Чорное море“
Улица Чкалов 77, 98000 Федосија, Крим
Цена на ноќевањето: од 2.500 до 5.500 рубли
Хотел „Reiss“
Улица Дмитриј Уљјанов 4A, 98100 Федосија, Крим
Цена на ноќевањето: од 4.000 до 10.000 рубли.
Евпаторија:
Хотел „Морској“
Улица Шевченко 24, 97400 Евпаторија, Крим
Цена на ноќевањето: 2.000 рубли.
Хотел „Absolut Inn“
Улица Дубининt 19А, 98000 Евпаторија, Крим
Цена на ноќевањето: од 2.000 до 3.000 рубли.

 

Начин на плаќање


ТАСС

На Крим земете само готовина во рубли, зашто во хотелите, рестораните и бутиците кредитни картички не се примаат поради санкциите. Сепак, можете да размените девизи за рубли. Додека Крим преминуваше на руското законодавство, на улиците имаше дилери. Од 1 јануари 2015 година девизи можат да се разменат за рубли само во банките. Најчесто ќе наидете на бело-зелените филијали на Руската национална комерцијална банка (Российский национальный коммерческий банк, РНКБ).

Кримски ресторани и кафулиња

На Крим се ретки големите синџири ресторани како оние во другите делови на Русија, но има многу пријатни кафулиња и пекарници од европски тип, каде што можете да појадувате или да купите свежо печиво, тарт, кафе и сокови. Тука цените се во просек пониски од другите руски региони. Да кажеме, шолја кафе чини околу 100 рубли (1,5 евро), а парче чизкејк околу 150 рубли.


ТАСС

Покрај брегот има многу ресторани со пристапни цени во кои можете да пробате свежа морска риба. Во менијата најчесто се наведени цени за порција од 100 грама. Затоа прашајте колку ќе ве чини вашиот оброк или сметајте на тоа дека ќе платите 3–4 пати повеќе од цената што е наведена во менито.

Доколку посетите некоја од кримските планини, ќе наидете на мали семејни ресторани во кои можете да пробате специјалитети од националната кујна на кримските Татари: шурпа, пилав со овчо и хачапури (погача со сирење и месо). Доколку нарачувате шашлик (раженчиња од говедско месо), прашајте дали цената од менито се однесува на едно парче или на порција од 100 грама.

Ви препорачуваме неколку пекарници во Крим:
„Кримски пекар“ („Крымский пекарь“) во Јалта
Улица Московскаја, 5
23 Cafe Boulangerie во Симферопољ
Улица Карл Маркс, 14/9
Слаткарница Grass во Севастопољ
Улица Историческаја, 3

 

Кримски сувенири

Крим е познат по десертните вина, по коњакот, чајот и локумот. Овие вкусни сувенири не купувајте ги од уличните продавачи или во туристичките места, туку во специјализирани продавници. Вработените во синџирот „Чаевите на Крим“ („Чаи Крыма“) ќе ви помогнат да ги изберете најдобрите лековите чаеви (80 рубли за кутија од 200 грама). Ви препорачуваме да пробате слатки од Бахчисарај, а, исто така, и етерични масла направени во локалните фабрики, како и домашен мед.

Кримското вино уште во Советскиот Сојуз се произведуваше во три фабрики: „Инкерман“, „Масандра“ и „Магарич“. Овие вина и познатиот кримски коњак можат да се купат во кој било од продажните синџири на „АТВ“ или „Сиљпо“, како и во специјализираните продавници „Кримски вина“, каде што е дозволена и дегустација.

Шише вино чини од 400 до 600 рубли (7–9 евра), а шише кримски коњак со пет ѕвездички 700 рубли.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња