Во Москва одржана проба за воздушниот дел на Парадата на Победата (ВИДЕО)

Комсомольская правда/Global Look Press
На Црвениот плоштад во Москва почнаа подготовките за Парадата на Победата.

На плоштадот е веќе донесена техника, како и шаторите и трибините за гледачите, пренесува агенцијата РИА „Новости“. Стручњаците почнаа да ја монтираат сцената. Местата на трибините ќе бидат распоредени со почитување на дистанцата.

Во текот на пробата на воздушниот дел на парадата по повод Денот на Победата над Москва прелетаа преку 70 борбени авиони и хеликоптери, соопшти агенцијата ТАСС.

Над руската престолнина прелетаа и четири авионски системи „Кинжал“, т.е. ловци МиГ-31К кои можат да носат хиперсонични ракети, како и четири ловци од петтата генерација Су-57. Покрај тоа, на небото над Москва можеше да се видат и авион за набљудување А-50 со радар со голем домет, транспортни авиони Ил-76, стратешки бомбардери Ту-95МС и Ту-160, бомбардери со голем долет Ту-22М3 и фронтовски бомбардери Су-24 и Су-34.

Во пробата за парадата учествуваа ловци МиГ-29, Су-30 и Су-35С, а исто така и хеликоптери Ми-26, Ми-8, Ка-52, Ми-35 и Ми-28Н. На крајот прелетаа шест јуришни авиони Су-25.

Од федералната агенција „Росавијација“ прецизираа дека ограничувањата во користењето на воздушниот простор кои се воведени поради пробата за Парадата не влијаеа особено на работата на московските аеродроми.

Претходно претседателот на Русија Владимир Путин ја одложи Парадата на Победата на Црвениот плоштад поради опасноста од ширење на коронавирусот. Кога ситуацијата со ширењето на заразата во земјата се стабилизираше, Путин одреди Парадата да се одржи на 24 јуни, на денот кога на Црвениот плоштад е одржана историската парада 1945 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња