Тоа беше деветтото финале на Ју-Ес Опен во отворена ера во пет сетови и второто најдолго - 4 часа и 51 минута, само три минути пократко од судирот меѓу Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј пред седум години.
Данил Медведев направи сé што можеше, но сепак не беше доволно да го спречи Рафаел Надал да ја освои својата 19-та гренд-слем титула. Играта на моментално најдобриот руски тенисер и теоретски сосем можната капитулација на Надал покажуваат дека ерата на „големата тројка“ во машкиот тенис нема да трае вечно, пишуваат светските медиуми. И Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер се свесни за тоа.
Panoramic/ZUMAPRESS.com / Global Look Press
Неколку моменти по победата во еден од најтешките натпревари во животот Рафаел Надал не можеше да ги запре солзите, додека на големото платно ги покажуваа клучните моменти од неговата кариера.
Panoramic/ZUMAPRESS.com
Ова е веројатно најдобриот момент во неговата кариера, пишува New York Post. „Мечот на Флешинг Медоуз се претвори во улична тепачка против храбриот и шармантен Данил Медведев. Надал ја пропушти предноста од два сета и дури две топки во четвртиот сет. Меѓутоа, „големата тројка“ и по 15 години продолжува да владее во машкиот тенис. Надал, Ѓоковиќ и Федерер ги освоија сите 12 гренд-слемови во последните три години. На средина на мечот Медведев стана херој на американската публика и се чини дека сега е најсериозната закана за големата тројка“.
Еден од најпознатите тениски новинари Бен Ротенберг на својот профил на „Твитер“ напиша дека говорот на Медведев заслужено звучеше како говор на победник. „Ова тениско лето ќе го паметам најмногу по неговата игра“, напиша Ротенберг.