Рускиот тенисер Андреј Рубљов го победи и фасцинираше Федерер (ВИДЕО)

Aaron Doster-USA TODAY Sports/Reuters
Андреј Рубљов ја однесе најспектакуларната победа во кариерата, совладувајќи го Роџер Федерер на турнирот од „Мастерс“ серијата во Синсинати.

Руските тенисери во последно време ги фасцинираат дури и противниците, а камоли поклониците, пишува Спорт Експрес. 

После руското полуфинале минатата недела во Монтреал, прво во историјата на турнирот „Мастерс“, Данил Медведев рече: „Карен Хачанов и јас сме навистина големи ривали и се влечеме еден со друг  до врвот“.

И двајцата веќе се пробија меѓу десетте најдобри, но во нивна сенка досега се криеше уште еден млад и талентиран руски тенисер. Станува збор за Андреј Рубљов. Меѓутоа тој, како амбициозен спортист, не планира да остане во таа сенка.

„Се трудев да не следам никакви резултати на турнирите“, изјави 21-годишниот Русин за проектот Behind The Racket, осврнувајќи се на тоа како ја лекувал сериозната повреда на грбот минатото лето. „А ако и видев нешто случајно и видев многу, ми беше криво затоа што другите тенисери го правеа она што јас тогаш не можев да го правам. Додека седев дома напразно тие таму напредуваа“.

Рубљов не ни успеа да се опорави како што треба, ниту да стекне кондиција по скршеницата на 'рбетот здобиена од замор, а веќе претрпе нова повреда, овој пат на десниот корен на шаката. И повторно беше исфрлен од строј - поради таа повреда оваа година го пропушти „Ролан Гарос“ и еден дел од сезоната на трева.

Меѓутоа, најновиот резултат на 21-годишниот руски тенисер сведочи дека тој се враќа на големи врати.

По Вимблдон, Андреј стигна до финалето на турнирот од серијата АТП 500 во Хамбург, совладувајќи го Доминик Тим на патот, а во финалето загуби од Николас Басилашвили.

Оваа недела во Синсинати Рубљов имаше можност да му се реваншира на Грузиецот. Русинот ја искористи можноста и се пласираше во главниот дел од натпреварувањето, совладувајќи го Николоз со 6: 7, 6: 4 и 6: 2. Потоа однесе убедлива победа над Стен Вавринка (6: 4, 6: 4) и го доби за противник Роџер Федерер.

На прес-конференцијата пред натпреварот Рубљов, кога беше запрашан да ги коментира двата натпревари по ред со познатите Швајцарци, тој се пошегува: „Лесни противници, нели?“

Федерер никогаш не му бил идол на Андреј. Како момче, Рубљов се воодушевувал од Марат Сафин и носел исти маички како Рафаел Надал. Но, тој сепак не може да го негира големиот авторитет на легендарниот тенисер кој има 20 победи на Гренд слем турнирите. Рубљов претходно се немаше сретнато со Роџер на теренот. Во пресрет на натпреварот, тој призна дека жестоко го сакал тоа. „Најпосле и тоа ќе се случи“, им рече тој пред новинарите. „Ќе видиме како ќе испадне. Ќе се борам до крај“.

Не испадна лошо. Дури испадна и многу добро. Рубљов одигра практично перфектно од почеток до крај, без очигледни попуштања во играта. Тој направи само шест (!) неизнудени грешки. За легендарниот Федерер, турнирот во Синсинати беше првиот откако загуби од Новак Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон, така што Роџер очигледно сè уште не беше потполно подготвен. Рубљов му ги земаше поените благодарение на огнениот форхенд кон левата страна кој Швајцарецот никако не можеше да го врати, а исто така и со сигурната игра на мрежа каде Федерер цело време го намамуваше. Рускиот тенисер се движеше добро на теренот, фаќајќи ја скоро секоја топка.

„Тој играше супер чисто - и во одбрана и во напад и добро сервираше. Ништо не ми препушти,  беше насекаде. Ми беше тешко а тој одигра одличен натпревар. Јас сум фасциниран“, рече Федерер.

Андреј го доби првиот гем во кој сервираше Федерер, но веднаш го загуби својот сервис и направи уште еден брејк, со што го заврши првиот сет во своја корист. Во седмиот гем од вториот сет тој повторно го искористи сервисот на Федерер и победи со резултат 6: 3, 6: 4.

Русинот победи за само 62 минути. Тоа е најбрзиот пораз на Федерер од 2003 година! Тогааш тој загуби од Френк Скилари на турнирот во Сиднеј за 53 минути. Но, на сите им е јасно дека во 2003 година тоа не беше овој сегашниот Федерер. Поразот од Рубљов во Синсинати значи дека легендарниот Швајцарец УС Опен ќе однесе само две победи на американската тврда подлога.

Од друга страна, Рубљов веќе беше во четвртфиналето на Гренд слем турнирот (УС Опен 2017), а ова е неговиот прв ваков успех на „Мастерсот“. Сега ќе игра со сонародникот Данил Медведев кој е во неверојатна форма. А тоа значи дека Русија на вториот турнир по ред во серијата „Мастерс“ ќе има барем еден полуфиналист. Навистина голем успех!

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња