Пред исчезнување: Народи од Русија со помалку од 500 припадници

Полина Кочеткова
Последниот попис на населението од 2010 година забележа 194 националности кои живеат на територијата на Русија. Кои меѓу нив се најмалубројни?

1. Алеути

Алеутите се староседелци на Алеутските острови кои во 18 век ги откриле руските морепловци. По продажбата на овие острови и на Алјаска на Американците, определен број од населението преминало на територијата на денешниот Камчатски крај. Денес таму живеат 482 лица кои себеси се сметаат за Алеути. За време на пописот од 2010 година 45 лица изјавиле дека зборуваат алеутски јазик.

2. Чулимци

Името го имаат добиено по реката Чулим, во чиј басен се изградени првите населби. На светот има вкупно останато 355 претставници на овој туркиски народ. Тие живеат во Томската област и во Краснојарскиот крај.

Фолклорот и културата на Чулимците се зачуван до денешен ден. Многумина денес се верни на традициите на шаманизмот.

Народот има свој јазик (чулимски), но него го разбираат нешто повеќе од 12 проценти од Чулимците, додека само 14 лица течно зборуваат на родниот јазик.

3. Ороци

Ороците се тунгуско-манџуриски народ кој е населен претежно на островот Сахалин. Денес ги има помалку од триста, а главно се занимаваат со одгледување ирваси и со риболов. Името им го дале Јапонците, а тие себеси се нарекуваат „Уљта“ што во превод значи „ирвасов“.

Во советско време речиси сите Ороци кои живееле во шатори на различни делови од островот Сахалин биле сместени во еден колхоз во населбата Вал, каде нивните потомци живеат до денешен ден.

4. Тази

Тази (или даци, што на кинески значи „староседелци“) се релативно млад народ. Настанал кон средината на 19 век за време на мешањето на Кинезите со народите од Далечниот Исток Удегејците и Нанајците. Денес во Русија живеат помалку од 274 Тази, поголем дел од нив во Приморскиот крај.

Културата на Тазите е мешавина на обичаите на руското и на северокинеското население. Таскиот јазик е еден од дијалектите на кинескиот, но никој од претставниците на народот повеќе не зборува за него и поголемиот дел од нив смета дека нивниот мајчин јазик е рускиот.

5. Ижори

Бројот на припадници на овој финско-угарски народ во светот е помал од 1.300 лица. Од нив 266 живеат во Русија.

Јазикот на овој народ е близок со другите јазици од финско-угарската група, како што се карелскиот и финскиот, додека нивната култура е сосема уникатна. Особено се издвојува нивното усно народно творештво: рунските песни.

6. Енци

Бројот на Енците не надминува 227. Сите тие практично живеат во Краснојарскиот крај. Називот на народот во триесеттите години од минатиот век го предложил советскиот етнограф Георгиј Прокофјев. Тој го формирал од енецкиот збор „енче“ што значи „човек“.

Според местото на живеење Енците се делат на оние што живеат во тундрата (сомату) и оние што живеат во шума (пе-бај). Со самото тоа, на два дијалекти се дели и нивниот јазик на кој денес зборуваат помалку од половината Енци. Но, културата, секојдневните обичаи и фолклорот на сите Енци се идентични. И покрај тоа што „шумските Енци го примиле православието, обете групи од овој малоброен народ продолжуваат да ги почитуваат локалните духови и да го одржуваат култот на природните појави.

7. Сету

Ова е уште една финско-угарска народност која го носи името Сету. Поголем дел од народот (околу 10 илјади лица) живеат во Естонија, но околу 214 припадници на овој народ живеат во Русија на територијата на Псковската област. Притоа, тешко е да се определи нивниот точен број, зашто се асимилирале со Естонците и со Русите.

Нивниот јазик е дел од еден од дијалектите на естонскиот, но тие го сметаат за одделен.

Културата на Сетуите има многу елементи преземени од Русите, како што се елементите од носиите. Тие се православни, за разлика од Естонците кои се лутеранци.

8. Вод

Еден од најретките народи во Русија е Вод, кој исто така припаѓа на финско-угарската група. Во светот живеат само 64 припадници на овој народ, а 59 од нив во Санкт Петербург и во Ленинградската област.

Денес културата на овој народ постепено се обновува: се одржуваат курсеви по водски јазик, основан е куклен театар „Кагракару“ во кои претставите се играат на водски јазик врз основа на фолклорот.

9. Керци

Најмалубројниот староседелечки народ на Русија се Керците. Ги има само четворица. Другиот назив на Керците е Анкалгаку, односно „народ што живее покрај морето“. Тие живеат на Чукотка, зборуваат руски и чукотски јазик. Порано постоел керечки јазик кој денес е целосно исчезнат.

Културата, основните занимања и религијата на Керците (шаманизмот) се блиски со чукотските. Меѓу другото, во нивните обреди постои култ на животни и на предци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња