Заборавени народи на Русија: Вепси – народ премногу отпорен за да исчезне

Ленинградска област, Подпоршки реон, село Виници. Празник на Вепсите „Дрво на животот“ – Троица.

Ленинградска област, Подпоршки реон, село Виници. Празник на Вепсите „Дрво на животот“ – Троица.

PhotoXpress
Потомците на легендарниот народ Вес од руските летописи сè уште постојат во Карелија. Националниот идентитет на овој мал, но тврдоглав народ се покажува во крајно неочекувани ситуации.

Идол, со груби потези вдлабен во дрво, стои на убаво искосената зелена ливада. Зад него има дрвена куќа на кат, подигната во традиционалниот северен стил, со изрежани прозорски рамки и балкони. Вака денес изгледа центарот на прастарото село Шелтозеро во руската република Карелија, оддалечена околу 100 километри од Петрозаводск, престолнината на регионот (1.30 километри од Москва, 430 километри од Санкт Петербург).

За волја на вистината, и за Шелтозеро неофицијално велат дека е престолнина, зашто ова село е своевиден културно-историски центар на Вепсите, мал угро-фински народ, а исто така е и административен центар на Вепската национална општина на Прионешката област на Карелија.

Дали Путин е Вепс по националност?

Вепсите се денес мал народ. Порано тоа било моќно племе кое го контролирало речиси целиот северозапад на денешна Русија и живеело на територијата  поголема од некои европски држави. Историјата на Русија е тесно поврзана со Вепсите. Во Хрониката на Нестор, најстариот руски летопис познат под називот „Повест за древните времиња“(рус. „Повесть временных лет“) пишува дека одлуката за повикување на Рјурјиковите Варјази од Скандинавија донеле четири племиња „Чуд, Словени [новгородски], Кривичи и Вес”. Вепсите сметаат дека се потомци на легендарното племе Вес. На средновековните Арапи тоа им било познато под називот „Вису“, додека острогскиот историчар ги нарекувал „Вас“. Поголемиот број реки и езера во овој дел на Русија има вепски имиња.

Но, сите споменати легендарни племиња останале во минатото. Племето Вес од летописите со текот на времето се асимилирало со опкружувањето – еден дел со сродните народи Карелите и Вепсите, а другиот со Русите. Пред неколку години естонскиот писател Јак Прозес објави книга под интригантен назив „Дали Путин по националност е Вепс?“ („Kas Putin on vepslane?”). Авторот изнесува претпоставка дека семејното стебло на рускиот претседател може да ги има своите корени од Карелија или од Ленинградската област, каде живеат потомци на народот Вес. Научниците во своите истражувања не пронајдоа докази за ваквите претпоставки, но и во целина не ја исклучија ваквата можност.

Тврдоглавоста како црта на националниот карактер

Денес има останато многу малку Вепси. Според пописот од 1926 година во Русија имало 32.000 претставници, додека во пописот од 2010 година забележани се само 6.000 луѓе кои се изјасниле како припадници на овој народ.

Рјурик Лонин, жител на Шелтозер, Вепс.

Најмногу Вепси живеат во Петрозаводск, но старото село Шелтозер се третира како центар на Вепската национална општина. Тука секогаш можат да се сретнат автентични претставници на овој народ. Поголемиот дел од нив, за волја на вистината, слабо го знае мајчиниот јазик. Сега властите на Русија даваат поддршка на вепскиот јазик. Тој се предава во училиштата и на Петрозаводскиот државен универзитет. На вепски јазик се објавуваат весници и списанија, и се емитуваат емисии на републичкото радио. Во секојдневниот живот, сепак, овој јазик речиси и не се користи, па затоа постепено се заборава.

Од друга страна, определени црти на националниот карактер се сè уште очигледни кај жителите на Шелтозер и понекогаш се покажуваат во сосема неочекувани ситуации.

На пример, на едни избори раководителот на администрацијата на Шелтозер Ирина Сафонова е отстранета од изборната трка поради тоа што предала нецелосна документација. Жителите од селото ова го доживеаја како напад врз нивната самостојност и поради тоа на изборите гласаа „против сите“ кандидати. Изборите беа повторени и тогаш Ирина Сафонова победи.

Повторно е модерно да се биде Вепс

Тврдоглавоста и свеста за сопствениот национален идентитет влева надеж дека легендарното племе Вес нема да исчезне и да се претопи во окружувањето.

„Во советско време многумина се срамеа да се изјаснат како Вепси. Тогаш се сметаше дека тоа не е модерно, и дека не е престижно“, вели за Russia Beyond на македонски Марија Кошелева, наставничка по вепски јазик. „Доколку некој по националност беше Вепс, тоа значеше дека е од некое 'село', дека не е современ. Сега ситуацијата е обратна. Во услови на глобализација, луѓето започнуваат да бараат свој идентитет и да им се враќаат на корените. Јас гледам како расте интересот за вепскиот јазик и за вепската култура. Младината активно учествува на сите национални манифестации и сите недвосмислено се изјаснуваат како Вепси. Тоа станува модерно“.

Вепско училиште

Како што во едно интервју рече познатиот вепски поет Николај Абрамов, чии книги се објавени низ цела Европа од Естонија до Франција, „пред сто години еден фински научник напишал дека Вепсите ќе исчезнат за две-три децении. Но, мина цел век, а ние сè уште го поставуваме тоа прашање“.

Прочитајте исто така: Ижори – заборавен народ од Русија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња