Руски министер во Lada Xray од Москва до Толјати: Колата е одлична, уште патиштата да ги поправиме

Lada.ru

Рускиот министер за економски развој Максим Орешкин на Форумот во Толјати (1115 км од Москва) посветен на моноградовите допатува со кросовер Lada Xray во боја на килибар. Како што нагласи тој, автомобилот на најголемиот домашен производител на патнички автомобили АвтоВАЗ се покажал одлично, но затоа треба да се поработи на патиштата.

„Автомобилот се покажа одлично. Реков дека научивме да правиме автомобили, ни останува уште да ги поправиме патиштата, бидејќи постојат делови кои не се во добра состојба. Право да ви кажам во еден момент ќе дупневме гума“, рече Орешкин, пренесуваат руските медиуми.

„Треба да се каже, исто така, и дека голем дел од патиштата е во многу добра состојба, дека се реконструираат федералните патишта, како и дека регионалните се главно во пристојна состојба“, рече тој.

Министерот Орешкин минатата недела најави дека на форумот посветен на моноградовите што се одржува во Толјати ќе тргне од Москва зад воланот на автомобил Lada Xray, движејќи се по рутата Москва, Владимир, Нижни Новогород, Чебоксари, Казањ, Самара, Толјати. Како што рече тој, по ова патување може да се донесе одлука дали да се гради нова траса со наплата на патарина Москва-Казањ или да се реконструира автопатот М7.

Министерот, за време на неговата посета на Толјати, во друштво на губернаторот на Самара Дмитриј Азаров ја посети фабриката „АвтоВАЗ3. Автомобилот Lada Xray, со кој се возеше од Москва, во разговорот со новинарите го опиша како „одличен“.

„Разбирливо е дека за секој Русин АвтоВАЗ значи многу. Ние штотуку ја посетивме фабриката. Инаку, моите родители возеа „копејка“, а јас на времето „деведесет и деветка“ (ВАЗ-21099). Сега ја пробав Lada Xray. Многу добра кола. Новинарите кои одеа со мене првин беа негативно настроени, но кога заедно поминавме 1300 километри и грбот не нѐ боли, и автомобилот се однесува многу добро, расположението и ставот спрема автомобилот се сменија“, рече министерот.

Како што истакна тој, за развој на АвтоВАЗ се заинтересирани други земји, меѓу другите, и Франција.

„АвтоВАЗ е, се разбира, руско претпријатие кое не е поддржано само од руската влада. Неодамна патував во Франција со премиерот Дмитриј Медведев. Тамошниот премиер Едуард Филип го покрена прашањето за АвтоВАЗ и лобираше за неговите интереси. Тука имаме притисок од две страни, меѓутоа позитивен притисок“, рече тој.

Прочитајте повеќе: Focus: „Лада“ си заминува од европскиот пазар

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња