Во Москва почнува изградбата на највисоката станбена зграда во Европа

Комплекс градостроительной политики и строительства города Москвы

Кулата висока 405 метри ќе биде во вид на закосена призма.

Холдингот „Мосинжепроект“ ги започна подготовките за изградба на највисоката станбена кула во Европа која ќе се наоѓа во деловниот центар Москва Сити. Ова на Московскиот урбанистички форум го изјави заменик-градоначалникот на рускиот главен град за урбана политика и изградба Марат Хуснулин.

Облакодерот висок 405 метри ќе се вика One Tower. Висината на стилобатот ќе биде 80 метри, а кулата ќе има 101 кат над земја и три под земја, рече првиот заменик-генерален директор на „Мосинжпроект“ Алберт Суниев. Импозантната кула со стаклена фасада ќе има форма на закосена призма.

Ќе се наоѓа во Првиот Красногвардејски премин покрај кулите  Меркур и Гранд Тауер. Во стилобатот ќе има бизнис-центар, продавници, ресторани, детски центар, а на повисоките катови станови. Зградата ќе има подземни гаражи, а на нивото на стотиот кат ќе се наоѓа видиковец.

До тоа ниво ќе води посебен лифт, таму ќе има ресторани и видиковец, каде што ќе можат да се организираат најразлични настани или едноставно да се качите и да го гледате градот. Се работи за највисокото ниво од 400 метри. Прозорците ќе бидат од подот до плафонот.

Во моментов највисоката зграда во деловниот центар Москва Сити е кулата „Восток“ во состав на комплексот „Федерација“, до октомври 2017 највисоката зграда во Европа, кога ѝ го одзеде приматот Лахта-центарот во северната руска престолнина. Висока е 374 метри. Новиот облакодер ќе биде 33 метри повисок од неа, меѓутоа тоа сепак нема да биде највисоката зграда во Русија и Европа. Таа титула и понатаму ќе ја носи Лахта-центарот во Санкт Петербург, чија висина со шилецот изнесува 462 метри. Меѓутоа, за разлика од кулата One Tower, Лахта-центарот не е станбен, туку јавен-деловен комплекс, со седиштето на „Гаспром“ како главно јадро.

Според генералниот директор на „Мосинжпроект“ Марс Газизулин, во изградбата на кулата ќе бидат вклучени три кранови кои ќе бидат прицврстени на монолитната конструкција на зградата и по потреба ќе ги менуваат димензиите. Во проектот ќе бидат вложени, како што се проценува, 30 милијарди рубли. Во најинтензивниот период на изградбата на објектот ќе работат најмалку две илјади луѓе.

Како што е наведено, според своите функционални, визуелни и технолошки параметри кулата ќе биде потполно уникатен објект, без пандан не само во Русија, туку и во Европа.

Во овој момент за кулите се прават пробни шипови и се оградува ископот. Се работи за многу сложен и амбициозен проект, но јас не се сомневам дека ќе биде направен квалитетно и на време, изјави Хуснулин.

Прочитајте повеќе: Санкт Петербург: Највисокиот облакодер во Европа доби дозвола за отворање

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња