Ољга Козлова, 57-годишна блондинка со средна височина и „недопустливо“ тенка половина (за своја возраст) седи во мал двособен стан на дрвена маса со бел чаршав. На другиот крај од масата има мал телевизор. Секогаш е вклучен. На дофат на раката има сирење (веројатно рокфор), миризлива свеќа и лаптоп. Тоа е мајка ми.
До утро до доцна навечер таа работи во осигурителна компанија, во канцеларија, а дома ја гледа „Игра за тронови“. Сѐ уште ја нема одгледано последната сезона, но ги има прочитано сите спојлери и затоа негодува и бара од мене да ѝ препорачам некоја нова серија.
„Можеби 'Чернобил'?“, ја прашувам, обидувајќи да ја оттргнам од сирењето нашата хиперактивна хаска Лаки.
„Што има толку интересно во тој Припјат, а што не сум видела? Се сеќавам како вчера да беше кога отидовме таму по хаваријата...“
„Каде си отишла?!“
„Ете, никогаш не слушаш што ти зборувам. Па, ти имам кажано!“
„Тоа е поради радијацијата, но сѐ е во ред“
Во август 1986 година мајка ми излегла од воз на перонот на железничката станица во градот Мелитопољ (1.1 илјада километри од Москва). Тогаш имала 24 години. Неколку години претходно дипломирала на Универзитетот за врски и информатика, а тогаш веќе била вработена според својата професија – работела во Московската градска телефонска мрежа. Одморот го минувала на брегот на Азовското море.
На перонот имало неколку средовечни семејни двојки, висок светлокос младич (како сам што да направил минивал) и висока костенлива девојка од некои триесеттина години.
„Со таа Ира веднаш се спријателив. Зборуваше дека дошла специјално од Украина за да се омажи, а тука има само двојки. А, момчето Љоша имаше само 18 години, студираше стоматологија“, се сеќава мајка ми.
На групата со куфери и ранци им се приближува висок сед маж со пријатен изглед. Имал околу 50 години. Мајка ми не се сеќава точно, но се чини дека се вика Остап. Тој им бил водич. Мајка ми не се распрашувала со што се занимавал Остап покрај тоа што водел тави екскурзии.
„Тој нѐ поведе сите во малиот автобус и нѐ одвезе во село во близина на Мелитопољ. Таму живеевме во мали дрвени куќарки што ги издаваа мештаните. Во секоја соба имаше по тројца, но затоа сѐ беше евтино“, вели таа.
Првата недела од одморот им минала без посебни настани. Понекогаш само со Остап оделе на излети во Украина, а навечер пиеле пиво и се капеле. Само една работа ја загрижувала мама: на некои места покрај брегот биле поставени табли со забрана за капење од 16 до 20 часот.
„Го прашувам Остап зошто е забрането? А, тој ми вели: Тоа е поради радијацијата, но сѐ е во ред. И се смее. Јас се загрижив, ама не многу“, раскажува таа.
Екстремно опасна екскурзија
„Дечки, подготвени ли сме?“, праша Остап по предлогот да се посети „оној Чернобил“. „Да, капетане!“, исто така детски и радосно извикаа сите без размислување.
„Секако, сите знаевме за хаваријата. Но, јас бев уверена дека мене радијацијата сигурно нема да ме закачи. Тогаш зборот Чернобил нам ни беше нано далечен... Их, Боже мој, експлодирал, па што“, се сеќава мајка ми.
Од Мелитопољ до Припјат (градот е оддалечен три километри од нуклеарната електрана на која се случи хаваријата) со автомобил се патува околу 850 километри. Тој августовски ден 1986 година било многу топло, нешто над 30 степени според Целзиус. Мајка ми вели дека групата однапред се обезбедила со шишиња вино, и затоа од целиот пат го запаметила само одморот во некоја кантина и таблите со натпис „Заразено“. Никој немал никаква заштита. Сите биле во летна облека.
Во седум часот навечер автобусот запрел во шумски предел во близина на реката Припјат. Остап излегол со шише вино во едната рака и со Гајгеров бројач во другата.
Целата екскурзија траела околу два часа. Шетале низ шумата и се фотографирале за спомен.
„Имаше многу дрвја и грмушки со неприродно јарки бои и со неприродна свежина, иако одамна немаше паднато дожд. Оддалеку се гледаа покриви на напуштени згради, и ништо повеќе“, раскажува мама.
Одненадеж на раката ѝ слетала мува. Мајка ми сега тврди дека мувата била огромна, како половина дланка!
„Е, да, ако видите мутанти, немојте да се плашите“, се пошегувал Остап. Сите се насмеале и тргнале во потрага по инсекти кои мутирале. Некој се обидел да собере листови од дрвјата, но не му дозволиле. Кога не нашле ништо особено интересно, го замолиле Остап да ги одведе во градот.
Тој наместо одговор погледна во Гајгеровиот бројач, се замисли за момент, а тогаш, како нагло да се отрезни, нареди: „Сите во автобус, екскурзијата е завршена!“ Сите почнаа да мрморат, но по заедничкото фотографирање за спомен, испушија по една цигара и неволно седнаа во автобус.
Последици
По неколку месеци, кога веќе била во Москва, мајка ми добила неподносливи болки во долниот дел од стомакот. Некаде во тоа време ѝ се јавиле Љоша и Ира. Момчето страдало од слични болки, а Ирина се жалела на непрекината слабост и вртоглавица. Им се јавиле и на другите учесници во екскурзијата, а тие исто така се жалеле и барале совет, но мама повеќе не се сеќава како се викале.
„Десет дена не можеа да ми постават дијагноза. Најпрво мислеа дека е воспаление на слепото црево, но излезе дека е воспаление на репродуктивните органи“, вели таа.
А, Алексеј навистина добил воспаление на слепото црево.
„Тој како стоматолог самиот си поставил дијагноза и отишол на лекар. Добро е што не се прелажал“, се сеќава мајка ми.
Ирина била во опасност да добие рак – веќе имала покачени леукоцити во крвта. Итно била испратена на трансфузија. Сите тројца се излечиле, со тоа што лекувањето на мајка ми траело три месеци. Таа не знае како поминале останатите учесници на екскурзијата.
„Замислете, дури и ми препорачаа да забременам. Ми рекоа дека тоа е најдобра превентива од воспаление“, се сеќава таа.
„Па, зарем не им кажа на лекарите дека си била во Чернобил?“, ја прашав со негодување, но сепак среќна во себе што сум родена десет години подоцна.
„Не, зошто да им кажам? Ти реков дека тоа беше обична екскурзија! Никогаш не слушаш што зборувам! Само што родителите многу ме караа кога дознаа“.