Тајната на извонредниот вкус на раженчињата кои на одморот во република Тува ги подготвуваше претседателот Владимир Путин лежи во маринадата, откри Шолбан Кара-ол, раководителот на оваа руска република, на маргините на Краснојарскиот економски форум.
Како што рече тој, раженчињата и маринадата шефот на руската држава ги подготвува самиот, а скара има извонреден вкус. Меѓутоа, Шолбан Кара-ол не ги откри состојките на маринадата. „А раженчињата ги прави од месото на уловените животни. Претседателот сака да пече месо и сè прави сам“, рече Кара-ол.
Според него, омилените пијалаци, кафето и чајот, Владимир Путин, исто така, ги подготвува според посебен рецепт. А тоа изгледа вака. Кафето и шеќерот се ставаат во ѓезве и првиот се карамелизираат на оган, па се додава вода, а кога ќе зоврие и млеко. Кафето мора уште еднаш да зоврие пред да биде подготвено за сервирање, го откри Кара-ол рецептот за „претседателското кафе“.
Покрај тоа, на рускиот претседател исклучително му се допаднал тувинскиот национален чај, подготвен според рецептот на бабата на Кара-ол. Како што рече тој, за овој чај водата мора да биде изворска, од река или од поток. Се користи зелен чај, а во водата се додава малку сол пред да зоврие, а потоа се додава млеко и подготвениот пијалак се остава да отстои неколку минути. По вкус може да се додаде топен путер.
Претседателот на Русија неколку пати престојуваше во неофицијална посета на руската република Тува. На крајот на август минатата година тој помина викендот на Енисеј во друштво на министерот за одбрана Сергеј Шојгу и директорот на ФСБ Александар Бортников. Шефот на руската држава беше придружуван и од Шолба Кара-ол и директорот на Сајано-Шушенскиот природен резерват Генадиј Кисељов.