Путин му ја исполни желбата на момчето кое сонуваше да направи репортажа за претседателскиот авион

Михаил Климентјев/Sputnik
Владимир Путин му ја исполни желбата на тешкоболното момче, 15-годишниот Арслан Каипкулов, кому сон му беше да сними видеорепортажа за претседателскиот авион Ил-96-300.

Арслан заедно со мајка си допатува во Москва од Башкирија. Им беше организирана екскурзија низ претседателскиот авион.

„Овој авион е најстрого чувана државна тајна. Мене ми е чест да влезам во него“, рече момчето.

Каипкулов раскажа како бил восхитен од луксузот во авионот на шефот на државата, но сепак најголем впечаток му оставила пилотската кабина.

Дури малку седел и на седиштето на капетанот на екипажот, бил во салата за конференции и во салонот на претседателските придружници.

Стјуардот кој му послужил на момчето како водич низ авионот раскажува какви сè услови треба да исполнат припадниците на Специјалниот летен одред „Русија“. Каипкулов не сакаше да зборува подетално за тоа зашто сака да се дознае од видеорепортажата.

Екскурзија по аеродромот

Генералниот директор на аеродромот „Внуково“ Дмитриј Саприкин му го покажа на Каипкулов аеродромот и му објасни како функционира тој.

Најпрво Арслан беше запознаен со работата на кинолошката служба. На момчето му беше понудено да скрие предмет со мирис на експлозив, а обученото куче без грешка го пронајде.

Кучиња во метрото: како четириножните пријатели бараат бомби

Освен тоа, Арслан погледна и како се дресираат овие кучиња. Командите им се даваат и со глас и со гестови.

Потоа Арслан со мајка си дојдоа во зоната каде екипажот го подготвува претстојниот лет и каде на обичните патици никогаш не им е дозволен пристап. Тука постариот навигатор и инструктор на аеродромот Виктор Махнин му раскажа со што се занимаваат навигаторите, им ги покажа нивните работни места и им објасни како пилотите се подготвуваат за лет и како изгледа нивниот лекарски преглед.

Арслан постави неколку прашања на кои доби детални одговори. Махнин не одговори детално само на едно прашање: што е специфично во работата на аеродромот кога слетува авионот на претседателот? Само истакна дека Внуково дури и во таква ситуација функционира во вообичаен режим.

Раководителот на аеродромот на крајот од екскурзијата на момчето и на неговата мајка им даде подароци, посакувајќи им успех во Новата година со ветување дека аеродромот редовно ќе го прима семејството Каипкулов во својство на патници.

Видеокамера од Путин

Арслан истиот ден од Путин за подарок доби видеокамера. Момчето рече дека веќе го познава овој модел. Според него, сценариото за идната видеорепортажа е веќе завршено. Според плановите на младиот режисер, репортажата ќе трае од 15 до 20 минути и ќе се појави на еден популарен видеохостинг.

Арслан им раскажа на новинарите дека многу се радува што му е овозможено да се запознае со работата на аеродромот зашто одамна го интересира авијацијата.

Разговор со претседателот

По екскурзијата Путин му се јави на Арслан. Момчето му раскажа на претседателот дека има намера да направи кус прилог за авионот.

Исто така му пренесе дека во авионот бил добро примен.

„Ви благодарам за можноста да го посетам вашиот авион“, рече тој.

Мајката на Арслан во разговорот со Владимир Путин рече дека на претседателот му исплела шал.

„Многу ми е мило, ви благодарам, многу ми е драго“, ѝ одговори Путин. „Мечтајте заедно со мене“.

На петти декември за време на посетата на форумот на доброволци на Русија, Путин е известен за проектот „Мечтај заедно со мене“ во рамките на кој им се исполнуваат желбите на тешкоболни деца. Секој може да исполни детска желба така што ќе избере еден плик. Путин ги зеде сите пет плика што беа на штандот во тој момент.

Најпрво претседателот помогна да се исполни желбата на девојчето по име Вероника, која сакаше да види како се снимаат филмовите. Вероника заедно со семејството го посети филмското студио „Мосфиљм“. Потоа му беше остварен сонот на момчето Артјом кој сакаше да го види Санкт Петербург од птичја перспектива. За него беше организирана екскурзија со хеликоптер. Исто така, ѝ беше остварен сонот на 17-годишната Регина која сакаше да го интервјуира претседателот.

Пред телефонскиот разговор со Арслан Каипкулов портпаролот на рускиот лидер Дмитриј Песков го праша Путин дали ги видел репортажите за интервјуто со Регина.

„Не сум ги видел. Добри ли се? Има снимка? Дај ми“, рече Путин,

Потоа претседателот го отвори подарокот што му го врачи Регина.

Дознајте за Слепо девојче зеде интервју од Путин, помина со раката по неговото лице и му рече дека изгледа убаво.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња