Што јаде претседателот Путин?

Алексеј Никољски /RIA Novosti
Доволно е човек да фрли брз поглед на фотографиите на рускиот лидер (топлес или не) за да признае дека Путин во 65 година од животот е во прилично добра форма. Во што се крие неговата тајна? Одговорот донекаде се крие во исхраната. Руската јавност е секогаш љубопитна да дознае што јаде претседателот Владимир Путин, а Russia Beyond-Македонија ви ги открива сите тајни на претседателското мени.

Претседателски појадок 

Путин за појадок јаде каша, несолена урда со мед и пие живи јајца од потполошка. Ова го велат новинарите од телевизискиот канал НТВ кои во 2012 година појадуваа со претседателот. Исто така открија дека Путин сака да пие и сок од рен и цвекло. 

Неколку години подоцна рускиот лидер им раскажа на новинарите дека сака ориз и хељда, но не и овесна каша.

„Не можам многу време да посветам на исхраната“, рече тој. „Сакам зеленчук: домат, краставица, зелена салата. Наутро сакам да каснам каша, несолена урда и мед. Ако можам да избирам помеѓу месо и риба, би избрал риба, но сакам јагнешко“, изјави Путин и додаде дека не е човек кој сака слатко, иако од време на време каснува сладолед. 

Исхрана „во движење“ 

Путин многу патува, ширум земјата и низ целиот свет. Она што го јаде на пат е сосема друга приказна. 

„Кога сум на пат сакам да пробам домашна храна. Навикнат сум на зелен чај... Обично не вечерам, немам време за тоа. Попладне се трудам да јадам овошје и да испијам кефир кога можам, а кога не можам, поарно не би јадел ништо“, вели Путин. 

Пред неколку години санктпетербуршкиот ресторан „Подворје“ имаше посебно мени – „Ручек со Владимир Путин“, кое ги нудеше омилените јадења на претседателот. Путин го има посетено овој ресторан многу пати. Обично таму нарачува мешано месо (говедски јазик, колбас, свинско и ќофте). Сака и чадена есетра со димон и путер. 

Секогаш кога Путин јаде со новинарите, главна тема станува неговиот избор на јадења. На пример, во 2003 година во калининградскиот ресторан „По пат“ нарачал уха (рибина чорба), пита со црвен кавијар, чадена јагула и палачинки со јагода. Во 2008 година на патување во Татарстан избрал салата, пилешка супа со нудли, говедско со ориз и пита... Од претседателската работа многу се огладнува. 

Што пие Путин?

Во 2012 година готвачот на Кремљ Анатолиј Галкин рече дека Путин дава предност на виното или на пивото. Готвачот го откри и рецептот на посебен коктел што гостите го пијат на службени приеми: многу мраз, малку сок од лимон, нане и 50 грама шампањско. Галкин вели дека овој пијалак одлично ја гаси жедта. 

Некои медиуми исто така тврдат дека претседателот сака шпански црни вина. Наводно сака да пивне и чашка вотка по оброкот или чашка дагестански коњак.

Вкусов од детството 

Путин во една пригода се присети на мајка си која „печела банички со зелка, месо или со ориз, и ватрушки (банички со слатка урда)“. Можеби ова ја објаснува неговата љубов кон питите. 

Во книгата „Семејството на Путин“ на Александар Путин, објавена во 2002 година, авторот пишува за Спиридон Путин, дедото на рускиот претседател. Тој работел како готвач во еден од петербуршките ресторани во близина на Министерството на морнарицата. 

„Спиридон во 1918 година го повикале да работи во Москва во мензата на Кремљ, каде готвел за Ленин и за советската елита. Се зборува дека подоцна станал личен готвач на Сталин во резиденцијата во Валдај“, се наведува во книгата. 

Спиридон Путин починал кога неговиот внук Владимир имал 12 години. Но, Путин, за среќа, уште додека неговиот дедо бил жив успеал да го земе рецептот за неговата рибина чорба и за јагнешкото со кавкаски билки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња