Слепо девојче зеде интервју од Путин, помина со раката по неговото лице и му рече дека изгледа убаво

Скриншот

По традиционалната голема годишна конференција за медиумите што се одржа вчера во Москва, рускиот претседател Владимир Путин ѝ ја исполни желбата на седумнаесетгодишната девојка Регина Парпиева која мечтае да стане новинар и ѝ даде дваесетминутно интервју.

Путин, меѓу другото, искрено одговори на прашањата за своето детство и желбите за Нова година. По завршеното интервју, откако си разменија подароци, таа посака и првпат во животот да го „види“ претседателот, па го замоли Путин да му го опипа лицето. Путин се согласи, а Регина, откако со раката помина по неговото лице и главата, му рече „Вие сте многу убав и многу добар“.

„Многу ви благодарам, многу ми е мило што го слушам тоа“, одговори Путин.

Регина го праша рускиот претседател што би сакал да добие како подарок за Нова година. Путин призна дека тоа прашање не е ни најмалку лесно и додаде дека најубавиот поклон за него би била констатацијата дека изминатата година имала позитивен признак и дека сите тешкотии во земјата се совладани. А што би посакал кога ќе избие полноќ. „Едноставно, сите желби да се исполнат“, одговори Путин.

Неодамна Путин беше запознаен со волонтерскиот проект „Сонувај со мене“ во рамките на кој им се исполнуваат желби на тешко болни деца, а се реализира со поддршка од платформата „Русија – земја на можности“. Рускиот претседател тогаш зеде пет коверти со желби кои децата ги оставаа на штандот и вети дека ќе ги исполни. Регина, инаку, има ретка болест од која во Русија боледуваат само десетина деца и за која не постојат стандардни методи на лекување. Таа ослепела кога имала осум година и оттогаш е врзана и за инвалидска количка. Кога имала десет години ѝ била пресадена коскена срцевина. Операцијата, која претходно им била правена само на возрасни лица, ѝ помогнала. Таа неодамна на Купот на Русија во пливање го освои второто место, пренесуваат руските медиуми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња