Подигнати сите пилони и на железничката делница на Кримскиот мост

most.life

Завршена е изградбата на потпорната конструкција на железничката делница на Кримскиот мост, изјави претседателот на Управниот одбор на компанијата „Стројгазмонтаж“ Аркадиј Ротенберг, пренесуваат руските медиуми.

„Завршена е, според моето мислење, една од клучните етапи на изградбата на мостот. Преминот има вкупно 595 потпорници. Се работи за комплициран процес, не само технолошки, туку ситуацијата ја усложнуваат и временските услови и сеизмичките карактеристики на теренот. Сето тоа става посебни барања пред стручњаците“, рече Ротенберг.

Градителите на најдолгиот мост во Европа (19 километри), со кој е споен Крим со континентална Русија, забележаа во саботата уште еден важен настан – импозантниот бел железнички лак на мостот е споен со првиот распон на преминот од страната на Керч.

Во овој момент се завршени сите носачи на двете делници преку Керченскиот теснец - железничката и друмската. „Извршена е работа со колосални размери. Илјадници шипови за потпорните столбови се забодени на неколку делници на голема длабочина од преку сто метри. Работите ги комплицираа честите бури и ни малку едноставното тло, но и покрај тоа сѐ е изведено квалитетно и во рокот“, истакна Ротенберг.

Подигнати се 307 пилони на кои сега редум се поставуваат распоните.  Вкупно се работи за 160 илјади тони метални конструкции. Последниот столб под број 254 е поставен на делницата меѓу пловниот пат на Керченскиот теснец и кримскиот брег. Во неговиот темел се забиени 16 цевчести шипови на длабочина од 70 метри, а корпусот го сочинува челична арматура и хидрауличен бетон. Пилонот се наоѓа на висина од 33 метри над нивото на водата, што одговара на дванаесеткатница. Распоните треба да бидат монтирани до крајот на првото тромесечје идната година. На осум градежни сектори се поставени распони во должина од преку 15 километри. На завршените распони од правецот на Тамањ се поставува горната конструкција на пругата, а во моментов се покриени 9 од вкупно 38 километри.

Проектираната брзина на патничките возови е 120 километри на час, а на товарните 80. Пругата со два колосека е предвидена за композиции со тежина до 7100 тони. Првите возови ќе поминат преку Кримскиот мост во декември идната година, додека за друмски сообраќај преминот беше отворен на 16 мај, откако мостот два дена претходно свечено го пушти во работа рускиот претседател Владимир Путин и тоа шест месеци пред предвидениот рок.

Прочитајте повеќе: Сите тајни и предизвици во изградбата на железничката делница на Кримскиот мост

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња