71-годишниот Сергеј Никифоров од руската република Јакутија го освои златниот медал на Светското првенство во пауерлифтинг што се одржа во Орландо во САД.
Никифоров се натпреваруваше во старосната категорија за ветерани и тежинската до 82,5 килограми во дисциплината „потисок од клупа“. Спортистот подигна 130 килограми, оставајќи ги зад себе помладите ривали – 61-годишниот Американец и 42-годишниот Португалец, пренесуваат медиумите.
„Татко ми почна да се занимава со пауерлифтинг по четириесеттата и тоа стана негова голема преокупација. Му недостигаше само малку да „дофрли“ до светскиот рекорд од 135 килограми, но и покрај тоа е многу задоволен со постигнатиот резултат. Тој денес си оди дома“, изјави Гаврило Никифоров, синот на шампионот.
Никифоров, инаку, со подигнати 160 килограми го држи рекордот во Русија во дисциплината „потисок од клупа“ во старосната категорија до 60 години и тежинската до 75 кг. Освен тоа, тој е двократен шампион на Европа, како и освојувач на сребрениот медал на првенството на Европа во пауерлифтинг.
Треба да се каже дека пред два дена, првпат по тригодишната пауза поради дисквалификација, еден руски кревач на тегови го освои златниот медал на Светското првенство во тешка атлетика во Ашхабад. Се работи за Артјом Окулов кој се натпреварува во тежинската категорија до 89 кг, а крена вкупно 372 килограми.