На интернет објавен оглас за продажба на транспортен авион Ан-124 „Руслан“

Ајнур Казимова/Википедија

На сајтот на еден од најпознатите ресурси за онлајн огласување Avito е објавена информација за продажба на советски тежок транспортен авион Ан-124 „Руслан“.

Централната агенција за продажба на заложен имот (ЦАЗИ) продава Ан-124, советски тежок транспортен авион од четвртата генерација, развиен во Опитното конструкторско биро „Антонов“, се вели во огласот.

Во огласот се наведени карактеристиките и цената на леталото која изнесува 833,2 милиони рубли. Како што се истакнува, авионот е произведен 1994 година и во моментов се наоѓа во „задоволителна состојба“.

Ан-124 „Руслан“ спаѓа во авионите со најголема носивост на светот. Развиен е во првата половина на осумдесеттите години на минатиот век во Опитното конструкторско биро „Антонов“ заедно со водечките сојузни научно-истражувачки институти, претпријатија, организации на воздухопловната индустрија и соодветните министерства. Од 1982 до 1988 се сметаше за најголемиот авион на светот (сѐ додека врз негова база не беше изграден моделот Ан-225 225 „Мрија“).

Распонот на крилата на леталото изнесува 73,3 метри, долг е 69,1, а висок околу 21 метар. Масата на празниот авион е преку 170 илјади килограми, а максималната полетна маса достигнува речиси 400 илјади килограми. Во овој момент се поставува прашањето за продолжување на роковите на експлоатација на леталата од овој тип, бидејќи нивните мотори Д-18Т се произведени во Украина и одржувањето не е можно да се врши поради политичката ситуација, пренесува агенцијата РИА „Новости“.

Прочитајте повеќе: Русија прави нов супертежок авион кој ќе го замени „Руслан“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња