Сирија: АН-124 „Руслан“ успешно префрли два хеликоптера Ка-52 назад во Русија

Ка-52 „Алигатор“ во транспортниот отсек на авионот Ан-124 „Руслан“ пред полетувањето

Ка-52 „Алигатор“ во транспортниот отсек на авионот Ан-124 „Руслан“ пред полетувањето

YouTube
Во Русија се префрлени два руски хеликоптери Ка-52 „Алигатор“ кои успешно ги извршија сите задачи во текот на учеството во противтерористичката операција во Сирија. Рускиот воено-индустриски комплекс е повеќе од задоволен од прикажаното ниво на неговите тактичко-технички способности во борбените мисии. Компанијата „Хеликоптери на Русија“ постојано работи на унапредување на постојните машини и го развива проектот Ка-52М „Супер-Алигатор“ кој треба да се појави на почетокот на наредната деценија.

Од местото на привремено базирање на сирискиот аеродром „Хмејмим“ успешно се транспортирани два борбени хеликоптери Ка-52 „Алигатор“. Хеликоптерите се префрлени со големите воено-транспортни авиони Ан-124 „Руслан“. Откако беа подготвени за транспорт, беа натоварени во товарниот отсек на авионот каде дополнително беа прицврстени со специјални синџири кои ги фиксираат хеликоптерите од можно поместување или превртување кое може да се случи во текот на летот.

Заедно со хеликоптерите во Русија се вратија и нивните екипажи кои во Сирија успешно ги извршија сите поставени задачи. Заради безбедносна претпазливост, нивните матични единици не се споменувани во средствата за јавно информирање. Во согласност со официјалните информации, хеликоптерите и нивните пилоти од воздухопловната база „Хмејмим“ се вратија во местата на постојано базирање.

Ка-52 „Алигатор“ (НАТО класификација Хокум А) е современ повеќенаменски борбен хеликоптер, дизајниран за борбени дејствија во сите временски услови, и дење и ноќе. Морнаричката верзија на хеликоптерот ја носи ознакатаКа-52К „Катран“. Дизајнот на хеликоптерот го осмислија воздухопловните инженери од бирото „Камов“ врз основа на претходната верзија Ка-50 „Црна ајкула“. Познат е по својот коаксијален мотор, кој е инаку препознатлив кај фамилијата хеликоптери од типот „Камов“. Хеликоптерот е опремен и со катапултирачки седишта. 

Базичната верзија на овој хеликоптер одлично се покажа во Сирија. Посебно интересни се резултатите постигнати со употребата на ракетата „Вихр“. Меѓутоа, и покрај одличните резултати, утврдени се сегменти кои можат да го подигнат постигнатиот успех на уште поголемо ниво. Пред сѐ, тоа е поврзано со унапредувањето на електро-оптичкиот нишански блок, што ќе доведе и до значајно зголемување на ефективниот дострел на наведуваните ракети. Модернизираната верзија ќе ја носи ознаката Ка-52М попозната и како „Супер-Алигатор“, и таа пред сѐ се однесува на модернизација на системот за управување со огнот (соработка меѓу компанијата „Хеликоптери на Русија“ и холдингот „Швабе“) што ќе обезбеди техничка интеграција на перспективното наведувано вооружување¹ кое се развива за овој хеликоптер.

¹Наведувани ракети со зголемен ефективен дострел 9К121М Вихр-М и „Гермес-А“

Погледнете зошто Ka-52 „Алигатор“ e еден од најдобрите јуришни хеликоптери на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња