Пристигнуваат С-300: Русија воспостави интензивен воздушен сообраќај со авиобазата „Хмејмим“

Ан-124-100 „Руслан“ со ловечка придружба

Ан-124-100 „Руслан“ со ловечка придружба

Слободан Ѓукиќ
Според извори кои доаѓаат од западните средства за информирање, гигантски воено-транспортни авиони Ан-124-100 „Руслан“ со евиденциски броеви RA-82032, RA-82010 и RA-82035 слетале на пистата на воздухопловната база „Хмејмим“ во Сирија.

Врз основа на соопштението за испорака на противвоздушни ракетни системи С-300 во Сирија, тежок воено-транспортен авион на Воздушно-космичките сили на Русија Ан-124-100 „Руслан“ (евиденциски број RA-82035) ноќта во понеделникот слетал на пистата на воздухопловната база „Хмејмим“, пренесуваат извори кои се поврзани со западните воздухопловни портали кои ја следат ситуацијата во воздушниот простор над регионот на Блискиот Исток. Ова го пренесува информативниот портал Интерфакс-АВН.

Според тие информации ова е веќе шести лет по ред кој овие авиони го извеле на линијата Русија-Сирија последниве неколку дена. Во целата операција учествуваат три големи воено-транспортни авиони Ан-124 со евиденциски броеви RA-82032, RA-82010 и RA-82035. Маршрутата на овие авиони е организирана преку басенот на Каспиското езеро, Иран и Ирак.

Дополнителни извори пренесуваат дека во неделата во базата за материјално-техничко обезбедување на ВМФ во сириското пристаниште Тартус пристигнал товарниот брод „Спарта-3“¹ кој се наоѓа во состав на компанијата „Оборонлогистика“. Според информациите на ТВ-каналот „Ѕвезда“, овој супертанкер е едно од најголемите транспортни пловни средства кое се употребува за снабдување на руската воена групација во Сирија.

Покрај него, во целата операција е ангажиран и големиот десантен брод на Црноморската флота од проектот 1171 (НАТО кодификација - Тапир/Алигатор) „Николај Фиљченков“. Бродовите од класата „Тапир“ можат да превезат 20 основни борбени тенкови, или 45 оклопни транспортери на далечина до 4800 наутички милји. Опремени се со 2 дизел агрегати со сила од 9000 КС, а автономијата на отворено море изнесува 15-20 дена. Базата во Тартус прима најмалку 1 ваков брод на месечно ниво.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот по одржувањето на седницата на ОН, одржа редовна конференција за печатот каде ја извести јавноста за активните чекори на Русија со цел испорака на ракетни системи С-300 на единиците на сириската армија.

Рускиот министер за одбрана генерал на армија Сергеј Шојгу на 24 септември даде изјава во која рече дека во наредните две недели (значи некаде до 10 октомври) на сириските единици ќе им бидат доставени ракетни системи С-300.

Според западни извори, последниве денови руската авиотранспортна авијација значително ги засилила активностите на линијата Русија -Сирија (воздухопловна база „Хмејмим“). Рускиот интернет портал „Известија“ соопшти дека пред десетина денови во Сирија слетал воено-транспортен авион Ил-76 со системи за противелектронска борба.

¹ Танкерите од класата „SPARTA“ се специјализирани за контејенерски прекуморски транспорт. Големи се колку фудбалски терен. Нивните транспортни капацитети се способни одеднаш да превезат дури 300- 450 контејнери, од кои секој е тежок 22 тона. Ги движи дизел агрегат со сила од 6600 КС. Автономијата изнесува околу 5000 наутички милји (30 дена на отворено море).

Прочитајте повеќе: Шојгу: Русија ќе ѝ предаде С-300 на Сирија во рок од две недели

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња