Американскиот магазин „Бизнис инсајдер“ состави листа на најлошите носачи на авиони и хеликоптери на светот. На неа второто место му припадна на единствениот руски носач на авиони, „Адмирал Кузнецов“, а „шампион“ е првиот кинески носач на авиони „Лјаонинг“ кој потекнува од истиот советски проект како и „Адмирал Кузнецов“.
„Лјаонинг“, претходно познат како „Варјаг“, во недовршена состојба го купи Кина од Украина 1998 година и го воведе во својата морнарица во 2012. Меѓутоа, како и „Кузнецов“, и овој носач на авиони пати од чести дефекти на погонскиот систем. Во 2016 година „Адмирал Кузнецов“ учествуваше во операциите во Сирија, а во текот на патувањето на носачот кон Медитеранот набљудувачите забележаа столб од црн чад од неговите оџаци. „Кузнецов“ во моментов е на ремонт и малку е веројатно дека ќе се врати во употреба пред 2021 година, пишува магазинот.
Третото место му припадна на тајландскиот носач на авиони „Чакри Наруебет“ кој најголемиот дел од својата дваесетгодишна служба го помина во пристаниште па затоа беше деградиран во рангот на носачи на хеликоптери. „Овој брод едноставно не користи за својата предвидена намена“, забележува магазинот. На четвртото место е американскиот универзален десантен брод „Восп“ (Wasp), направен за носење на најновите авиони Ф-35Б „Лајтнинг II“, но изненадува што седум години нема учествувано во ниту една операција на флотата.
Петтото и шестото место ги заземаат двата нови австралиски носачи на хеликоптери од класата „Канбера“, и тоа благодарение на константните проблеми со погонските системи. На седмото место на најлошите од 42 носачи на авиони во светот е најголемиот и најскапиот современ американски носач на авиони „Џералд Форд“. Меѓутоа, овде проблемите повеќе се поврзани со новите технологии кои се применети, па така, на пример, кај него првпат е монтиран електромагнетен катапулт место традиционалниот парен.
Во февруари магазинот „Национален Интерес“ го вброја „Адмирал Кузнецов“ меѓу петте најлоши носачи на авиони во светската историја.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче