Американски портал го вброи „Адмирал Кузнецов“ меѓу петте најлоши носачи на авиони во историјата

Reuters
Рускиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“ влезе меѓу петте најлоши бродови во својата класа во целата историја на светската морнарица според процените на американскиот портал „Нешионал интерест“. Притоа, за разлика од останатите четири брода од списокот кој биле потопени или не учествувале во големи воени судири, „Адмирал Кузнецов“ „на некој начин сè уште функционира“, се наведува во текстот.

Дали поради лошата изградба или поради сиромашната техничка поддршка, „Адмирал Кузнецов“ има проблеми со функционирањето, но сепак треба да даде значаен воен придонес во безбедноста на Русија, истакнува „Нешионал интерест“. За овој брод да го достигне нивото на кинескиот носач на авиони „Лањоин“ веројатно би биле потребни инвестиции поголеми одошто Русија е моментално подготвена да вложи во својот носач на авиони, се истакнува во текстот.

Изграден во 1983 година, рускиот носач на авиони во Советскиот Сојуз е проектиран како прв чекор кон посовремената флота носачи на авиони, пишува порталот. Претходниците на „Адмирал Кузнецов“ можеле да носат само летала со вертикално или со кусо полетување и слетување, додека од „Адмирал Кузнецов“, благодарение на продолжената писта, можат да полетуваат обични ловечки авиони.

Но, по распадот на Советскиот Сојуз следуваше крах на финансирањето на проектот и носачот на авиони влезе во употреба дури по 1995 година, пишува „Нешионал интерест“. Но, само една година подоцна бродот имаше сериозен дефект и до 1998 година беше на поправка.

Иако „Адмирал Кузнецов“ влегува во составот на Северната флота, тој „повремено заминува во Средоземното море, по правило, со громогласни најави“, пишува американскиот магазин. Во ноември 2016 година „Адмирал Кузнецов“ учествуваше во својата прва воена операција против сириските бунтовници. Тогаш изгуби два авиона (МиГ-29К и Су-33) во несреќни случаи.

На списокот на најлоши носачи на авиони на американскиот портал влегоа и британскиот „Игл“, францускиот „Беарн“, јапонскиот „Кага“ и американскиот „Рејнџер“. Сите тие се произведени пред Втората светска војна. Некои од нив (Кага, Игл) биле потопени, додека други (Беарн и Рејнџер) не учествувале во големи борби поради очигледните недостатоци во конструкцијата, пишува порталот.

Во секој случај, сите тие се добра лекција за своите конструктори кои во иднина се потрудиле да не ги повторат претходните грешки. Исклучок е носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“ кој сè уште „функционира на некој начин“, но треба да „остави наследници“ во руската морнарица, заклучува американскиот портал.

Рускиот портал „Взгљад“ претходно пишуваше за тоа дека „Адмирал Кузнецов“ не само што има низа недостатоци уште од времето на производството, ами му е потребна и суштинска модернизација. „Адмирал Кузнецов“ се наоѓа во составот на морнарицата од 1991 година, а ниту еднаш не минал низ капитален ремонт, иако за модернизација на единствениот руски носач на авиони се зборува со години, пишува рускиот портал.

Земајќи предвид дека изградбата на „Адмирал Кузнецов“ се поклопи со нестабилните години на перестројката, а неговото влегување во морнарицата со гладните деведесетти години од минатиот век, можеме слободно да кажеме дека единствениот руски носач на авиони е вистински „маченик“, пишува Взгљад. Во периодот од 1995 до 1996 година за време на првиот поход во Средоземното море постојано му откажуваа погонските елементи. Тогаш поради дефект на котлите за време на посетата на Малта бродот за малку не налета на карпа. 20 години подоцна, чадот кој вриеше низ оџакот на носачот на авиони за време на походот до брегот на Сирија предизвика потсмев кај Интернет-корисниците и кај новинарите од странство. На почетокот на минатата деценија на носачот на авиони избија неколку пожари. Во несреќите на бродот настрадаа неколку војници. За време на слетувањето на палубата неповратно беа изгубени два авиони: ловецот Су-33 и офанзивниот авион Су-25УТГ, наведува рускиот портал.

Прочитајте уште: Девет факти за носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња