Претседателот на Руската Федерација и врховен командант на нејзините вооружени сили Владимир Владимирович Путин издаде наредба за итна проверка на борбената готовност на единиците на Централниот и Источниот воен округ, Воздушно-десантните сили, единиците на стратешката и воено-транспортната авијација. Според рускиот министер за одбрана генерал на армија Сергеј Шојгу, комплетната проверка се случува пред почеток на стратешките воени маневри „Восток-2018“ и вклучува програма која ќе содржи 16 посебни целини кои се состојат од различни воени сценарија.
Исто така, генерал Шојгу соопшти дека за потребите на следење на зададените цели поставени пред рускиот генералштаб се формирани три работни групи – „две работни групи ќе ги оценуваат квалитетот и функционалноста на командувањето со единиците на Централниот и Источниот воен округ, додека третата работна група ќе ја оценува брзината на мобилизацискиот аспект на вежбата“.
Генералната проверка на оперативните состави на Централниот и Источниот воен округ ќе трае во периодот од 20-25 август. Министерот за одбрана на Русија им нареди на своите потчинети да обратат посебно внимание на аспектот на организираното и континуирано командување и управување со сите единици кои учествуваат во оваа проверка. На неговиот заменик Александар Фомин е дадена задача за оваа ненадејна вежба да ги извести сите воени претставници кои се наоѓаат во Руската Федерација.
Раководителот на Академијата за геополитички студии и доктор на воени науки Констатнин Сивков истакна дека ваквиот тип на ненадејни и масовни воени вежби е неопходен за да се одговори ефикасно на денешните предизвици на хибридната војна. „Проверката се врши со цел брзо достигнување на максимална борбена готовност на војската во случај на напад врз нашата земја со методи на хибридна војна. Бидејќи ние имаме респектабилен нуклеарен арсена, против нас класичните облици на војување се неупотребливи освен хибридниот“, заклучува Сивков.
Централниот воен округ-ЦВО ги опфаќа оперативните воени единици од сите видови и родови кои се наоѓаат на просторот на Сибирскиот, Уралскиот и Приволшкиот федерален округ (површина од околу 7,06 милиона км2), освен единиците на Ракетните сили за стратешка намена. Командата на ЦВО се наоѓа во Екатеринбург. Во неговиот состав се наоѓаат копнени сили кои се состојат од две комбинирани армии. Тука се наоѓаат и две бригади на Воздушно-десантните сили, како и две специјални бригади од составот на СпН ГУ. Воздушно-космичките сили ги претставува 14 армија за ВВС и ПВО.
Источниот воени округ - ИВО ги опфаќа оперативните воени единици од сите видови и родови кои се наоѓаат на просторот на Забајкалот и Далечниот Исток (површина околу 7 милиони км2), освен единиците на Ракетните сили за стратешка намена. Командата на ИВО се наоѓа во градот Хабаровск. Во негов состав се наоѓаат копнени сили кои се состојат од четири комбинирани армии и еден армиски корпус. Тука се наоѓаат и две бригади на Воздушно-десантните сили, како и поголем број на самостојни оперативно-тактички борбени состави за различна намена кои се наоѓаат во состав на извидувачките, морнаричките и единиците за крајбрежна одбрана. Воздушно-космичките сили ги претставува 11 армија за ВВС и ПВО, како и воздухопловните борбени капацитети на Тихоокеанската флота. Воената морнарица се состои од единиците на Тихоокеанската флота.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче