Еден од најдобрите борци во борбите без правила на денешнината, Ирецот Конор Мекгрегор, раскажа за средбата со рускиот претседател Владимир Путин на финалниот натпревар од Светското првенство во фудбал на стадионот „Лужники“ во Москва.
Мекгрегор вели дека бил поканет да го гледа натпреварот како гостин на претседателот на Русија и додава дека Путин е „еден од најголемите лидери на нашето време“.
„Имав чест да присуствувам на толку важен настан со него“, напиша Ирецот на „Инстаграм“. Спортистот не заборави да му честита на Путин за „неверојатното Светско првенство“.
На крајот на постот Мекгрегор пишува на руски: Россия, вперед!