Што пишуваат руските медиуми за скандалот поврзан со хрватската репрезентација

Reuters

Хрватскиот фудбалски сојуз го објави извинувањето на одбранбениот играч на хрватската репрезентација, Домагој Вида и членот на делегацијата Огњен Вукојевиќ, кои по победата над репрезентацијата на Русија објавија снимка со зборовите: „Слава ѝ на Украина!“

„Хрватскиот фудбалски сојуз на овој начин ѝ се извинува на руската јавност за постапката на членот на штабот на репрезентацијата. На овој начин, Огњен Вукојевиќ и Домагој Вида исто така се извинуваат за изјавите кои во својата намера немаа политички конотации, но оставија простор за такви интерпретации“, пишува во соопштението на ХНС.

Хрватскиот сојуз го разреши Вукојевиќ од функцијата во штабот на хрватската репрезентација на Светското првенство. Вукојевиќ се согласи со таа одлука, истакнувајќи дека не сака да биде товар за својот тим во пресрет на полуфиналниот натпревар против Англија.

„Разбирам дека моите изјави можат и поинаку да се толкуваат. Поради тоа ми е жал и ѝ се извинувам на руската јавност доколку ги доживеа моите изјави на таков начин. Исклучително сум горд на она што Хрватска досега го направи во Русија и им посакувам на момците многу среќа во преостанатите натпревари. Ќе бидам нивен најголем навивач до самиот крај“, рече Вукојевиќ.

Пратеникот во Државната Дума и член на Извршниот комитет на Рускиот фудбалски сојуз Игор Лебедев го поддржа исфрлањето на Вукојевиќ.

„Така треба! Браво, Хрватска!“ напиша Лебедев на „Твитер“.

Рускиот спортски весник „Спорт Експрес“ истакнува дека Хрватите сфатиле дека „не им треба стадионот „Лужники“ кој огнено навива против нив и е полн со српски знамиња и дека тие мора итно да ги намалат тензиите, бидејќи сега веќе никој не мисли на играта, сите зборуваат само за Вида. А тимот секогаш ги чувствува таквите работи“. Симонов предупредува дека во сегашната ситуација (дури и по „спасоносните“ изјави) моралот на хрватската репрезентација може да биде многу помал отколку што ќе беше доколку не беа испадите на Вида и на Вукојевиќ. „Убеден сум дека и селекторот и неговите партнери и на двајцата им го изразиле своето незадоволство, бидејќи тешко дека Хрватска ќе заигра подобро по повикот „Слава ѝ на Украина!“, а атмосферата околу репрезентацијата и во неа може да биде нарушена. Сите се сеќаваме на примерот со Швајцарија, која ништо не успеа да покаже по политичките гестови на Шаќири и на Џака“.  

Но, Александар Шпригин, познат по своите врски меѓу навивачките групи смета дека дел од навивачите изнервиран од однесувањето на хрватските фудбалери би можел да донесе српски знамиња на стадионот за да ги нервираат Хрватите.  

Меѓутоа, популарниот руски портал „Взгљад“ пишува пишува дека кога станува збор за надворешната политика, Загреб не ѝ направи никакви непријатности на Москва, не учествуваше во антируската хистерија, а на културно, информативно и општествено ниво Хрватска останува русофилска држава, што реално, за словенски држави, претставува исклучок.

Дмитриј Бавирин гипрашува читателите: „Дали би биле толку великодушни кога би се работело за народ кој го поддржува вашиот историски (како што многу Хрвати размислуваат) непријател. Во принцип, не треба да се биде поголем Србин од самите Срби. Понекогаш тоа е смешно, а понекогаш и се претерува – фудбалот и операцијата „Олуја“ не треба да се доведуваат во ист контекст.

Каде уште во светот се поставени споменици на Пушкин, Гагарин и Есенин во последно време? Знаете каде? Во Хрватска“, ја завршува својата статија познатиот новинар.

Прочитајте повеќе: Хрватите се извинија: Вукојевиќ разрешен од функцијата во репрезентацијата

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња