Сибирец во мрак препливал километар за да спаси девојче што се давело во река

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Богдан Огородников, жител на руската Иркутска област во Сибир, ниту за момент не се двоумел. Штом ги слушнал повиците за помош кои доаѓале од реката Лена, се фрлил во студената вода и во мракот препливал повеќе од еден километар за да дојде до тинејџерката што се давела и да ја спаси.

23-годишниот Огородников се враќал дома на полноќ на 25 јуни заедно со другарот Сергеј Качин, кога слушнале како некој бара помош од правец на реката. Огородников веднаш скокнал во водата и препливал околу еден километар пред да стигне до девојката со која, цврсто држејќи ја и смирувајќи ја, допливал до брегот.

Качин останал на брегот и цело време ја молел девојката носена од струјата да продолжи да вика за да може спасувачот да има ориентација во мракот. Луѓето кои се собрале на брегот помогнале да се извлече 14-годишната девојка од водата. Давеничката ја презеле полицајците кои во меѓувреме пристигнале на местото.

Како што се наведува на сајтот на Министерството за вонредни состојби на Иркутската област, Богдан Огородников работи како капетан на бродот „Мамакан“.

Прочитајте повеќе: Колумбиски навивачи во Казањ спасија локален жител