Русија ги освои срцата на британските навивачи на Светското првенство

Англиски навивачи во Русија

Англиски навивачи во Русија

Reuters

Навивачите на фудбалската репрезентација на Англија на Светското првенство признаа дека Русите ги освоиле и тоа пред сѐ со својата срдечност, гостопримството и смислата за хумор, додека Русинките, од кои, како што велат, едноставно „запира здивот“, предизвикаа особено воодушевување.

Директорот на компанија за нафта и гас Стивен Огден, кој на Светското првенство дојде со својот седумнаесетгодишен син, рече дека пријателите и роднините се обидувале да го одвратат од одењето во Русија, додека британските пратеници и дипломати предупредувале на „опасностите“ кои таквото патување може да ги донесе. Огден, сепак, не можел а да не забележи дека не успеал да види дури ни навестување на проблеми, а не пак нешто посериозно.

„Всушност се работи за еден од најдобронамерните шампионати што сум ги видел кога било“, рече англискиот навивач и додаде дека „земјата е навистина фантастична, а фудбалот просто неверојатен“.

Тој призна дека него и синот Русите просто ги освоиле, а ги доживеал како вредни луѓе кои сакаат да се разонодат. На неговиот син Тео најсилен впечаток оставиле прекрасните луѓе и храната, како и феноменалното сместување кое го изнајмиле во текот на шампионатот. „А руските девојки, од нив, просто кажано, запира здивот. Русинките се неверојатно убави, а кога ќе им се насмевнеш и тие ти се насмевнуваат и се согласуваат да разговараат“, рече Тео, со жалење констатирајќи дека во Англија тоа не се случува.

Банкарот Џорџ Хеселгрен не може да се начуди во која мера Русија ги надминала сите негови очекувања. Стекнал впечаток дека луѓето во Русија се феноменални и секогаш подготвени да помогнат, па така раскажа како една жена, која навивачите на улица ја запреле да ја прашаат за такси станица, за секој случај и ги довела до неа.

Според пишувањето на медиумите, на натпреварот меѓу Англија и Панама во Нижни Новгород имало најмногу две илјади англиски навивачи, меѓутоа Британците кои „ризикуваа да дојдат на светското првенство се вљубија во Русија и Русите“. Спортскиот новинар на весникот „Дејли Телеграф“ Оливер Браун пишува дека Светското првенство не престанува да изненадува, дека е импресиониран од пријателскиот однос меѓу навивачите, однесувањето на полицијата и самата Русија, во која мирно коегзистираат историјата и современоста, уважувањето на минатото и стремежот сѐ да се почне од почеток. Браун е импресиониран од тоа како навивачите од Мексико, Аргентина и Перу со своите национални карневалски танци и акции во текот на десетте „вртоглави дена“ ја „запалија“ улицата „Никољскаја“ во Москва со нејзините студени луксузни продавници. Тој забележува дека дури ни поразите на националните репрезентации не ги фрлаат навивачите во очај, па така Мароканците испаѓањето на својата селекција од понатамошните натпреварувања го славеле со песна во московските стоковни куќи.

Тој со пофалба пишува и за руската полиција, која е насекаде присутна но избегнува какви било избрзани реакции. Наведува како во неколку случаи ситуацијата доаѓала до вжештување, кога на пример пред стадионот „Лужники“ избил конфликт меѓу неколкумина Мароканци и група Израелци, меѓутоа „немаше ни полициски пендреци, ни водени топови ни беспричинска демонстрација на сила“.

Авторот на текстот признава како пред почетокот на „непријателскиот, загрижувачки шампионат“ замислувал сцени во кои англиските навивачи се гонети од руски хулигани во фантомки, но и дека сега се покажуваат линиите на целосно поинаква слика. „Овде постојат и сите можности за нескротена пијанка, имајќи предвид дека неколку видови московско пиво по јачината можат да се мерат со дизел горивото“, пишува Браун.

Руските градови-домаќини на Светското првенство нудат изразени естетски контрасти, од прускиот шарм на Калининград, до црноморските променади на Сочи, пишува „Дејли Телеграф“. Авторот ја истакнува и скапоцената можност за запознавање со страдањето и жртвите кои се составен дел на руската историја. Меѓу најсилните впечатоци тој ја наведува посетата на меморијалот посветен на немерливите загуби во Сталинградската битка, Мамаев курган во Волгоград кој останува, како што вели, врежан во сеќавањето.

Британскиот весник „Гардијан“ призна претходно дека Русија би можела да биде извонредно место за одржување на Светското првенство во фудбал, а навивачите на англиската репрезентација по натпреварувањето да ги сменат ставовите за Русија во најпозитивна можна насока.

Прочитајте повеќе: Англиските навивачи пријатно изненадени од Русија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња