Првиот викенд по свеченото отворање е поставен нов рекорд во интензитет на сообраќајот преку Кримскиот мост. Во неделата, 20 мај, по новиот автопат поминаа повеќе од 21 илјада возила, што е две илјади повеќе од 16 мај, кога мостот беше пуштен во сообраќај. И во саботата интензитетот на сообраќај исто така беше импресивен – евидентирани се 20 илјади возила, пренесуваат руските медиуми.
Од моментот на неговото отворање за друмски сообраќај, преку Кримскиот мост поминале, во двата правци, вкупно 90 илјади возила. Сообраќајот во правец на Крим е малку поинтензивен (46000 автомобили) отколку во правец на Таманскиот полуостров (44000).
Според податоците на информативниот центар „Кримски мост“, најчестиот сообраќаен прекршок што го прават возачите е запирањето заради фотографирање, а омилени места за селфи се друмскиот лак и влезот на мостот.
Претседателот на Русија Владимир Путин зад воланот на камион КамАЗ, на чело на колона товарни возила кои беа користени во изградбата на мостот, свечено ја отвори друмската делница на преминот на 15 мај, цели шест месеци пред предвидениот рок. Мостот од двата брега на Керченскиот теснец беше отворен за сообраќај следниот ден, на 16 мај. Првиот час по отворањето преку мостот поминаа повеќе од илјада возила и автобуси. Движењето за товарни возила ќе биде дозволено наесен, додека првите возови преку паралелниот железнички мост ќе поминат до крајот на идната година.
Интересно е што и траектот, и покрај толкавата популарност на Кримскиот мост, и понатаму има работа, така што превозот се одвива на вообичаениот начин. Бидејќи автобусите кои ги превезуваат патниците од Крим до Таманскиот полуостров го користат траектот, засега нема навестувања за промена на маршрутата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче